Помен и сеќавање за загинатите кај Вејце

0
3200

Со полагање букети свежи цвеќиња, пред спомениците на бранителите во дворот на СВР Битола, пред споменикот “Ангел“ кај градскиот часовник и пред споменикот на бранителот Бошко Најдовски во село Долно Оризари, денеска, во Битола беше одбележана 16 годишнината од загинувањето на осмината бранители од Битола кои го загубија животот во 2001 година за време на конфликтот во селата Вејце и Гајре. Букети свежи цвеќиња положија делегации на бранителите од конфликтот во 2001 година, полицајци од СВР Битола, делегација на Армијата на Македонија, делегации на политичките партии и претставници од Советот на Општина Битола.

-Да му дадеме вечен помен на бранителите кои го дадоа својот живот во 2001 година, бранејќи го суверенитетот и интегритетот на Македонија. 16 години тажни за нас. Можеби другите забораваат, но ние не. Тие вечно ќе останат во нашите срца, кога бевме заедно и се боревме еден до друг. Останаа само моментите скапоцени поминавме заедно. Ние бранителите од 2001 година не се боревме за ваква Македонија. Ваква Македонија не ја замислувавме ние, насилничка . Ние се боревме за мирна Македонија, каде ќе има соживот за сите граѓани, се боревме за Македонија да остане во своите граници, изјави Сашо Гилевски, претседател на Здружение на бранители Достоинство.

Масакрот врз мешовитата патрола на АРМ и на МВР се случи на 28 април 2001 на локалниот пат Тетово – Вејце.На планински терен патролата од четири возила беше нападната од однапред подготвена заседа со ракетни фрлачи и бомби, при што загинаа Илчо Стојановски, Кире Костадиновски, Маријан Бижиновски и Бошко Најдовски – сите припадници на специјалната полициска единица „Тигри“, како и Роберт Петковски, Бобан Трајковски, Игор Костески и Миле Јаневски, припадници на баталјонот за специјални намени на АРМ, „Волци“.

Покрај осумтемина припадници на легалните македонски сили, во тој терористички напад на поранешната ОНА тешко и полесно ранети беа уште 6 војници. За масакрот кај Вејце МВР поднесе кривична пријава за најтешка форма на тероризам против непознат сторител. До денес сторителите не се откриени.