Поради политичката криза економскиот раст ќе се намали на 1,6 %

0
389

Доколку политичката криза продолжи до крајот на годината , економскиот раст наместо 3,5%, ќе достигне најмногу 1,6%, оцени гувернерот на Народната банка Димитар Богов презентирајќи ги најновите пролетни проекции на централната банка за домашната економија.

Ова алтернативно сценарио на Народната банка, која што самата го оцени како најреално, предвидува продлабочување на недовербата на граѓаните и како последица на тоа зголемена побарувачка за девизи, повлекување на депозитите од банките и намалена приватна потрошувачка.

„Во исто време, според ова сценарио се очекува зголемување на недовербата и на инвеститорите, како на странските така и на домашните, што значи помал прилив на инвестиции бидејќи политичката нестабилност влијае на инвеститорите. Освен тоа, предвидуваме понеповолни движења на пазарот на труд како и зголемени ризици за финансирање на економијата. Сето тоа ќе доведе до забавена кредитна активност, помал извоз, намалување на девизните резерви и секако помал економски раст“, изјави гувернерот Богов.