Поранешниот хрватски претседател Јосиповиќ основа партија

0
139

Поранешниот хрватски претседател Иво Јосиповиќ во неделата беше избран за претседател на новоосновата партија „Напред Хрватска – прогресивен сојуз“, за која тврди дека нема да биде краткотрајна и дека на Хрватска ќе и понуди иднина, и на политичката сцена ќе ја воведе идејата за напредокот, пренесуваат хрватските медиуми.

„Нашата должност е да ја победиме кризата, да го вратиме достоинството на граѓаните и да не допуштиме духовите од минатото да ни оптоварат животите и да ни ја загрозат иднината“, порачал Јосиповиќ откако бил избран за претседател.

Тој додал дека не треба да се допушти уставниот поредок да се руши на улица, и дека треба да се обезбеди мирот, редот и стабилноста.

„Време е да престанеме да се прашаме кој каде бил во 41-та, 71-та и 91-та година, туку каде ќе бидеме во 2021-та. Нема да дозволиме нашето место во 2021-та година да биде на крајот на колоната на успешните земји и народи“, порачал Јосиповиќ.

Новата партија во политичкиот живот на Хрватска влезе како парламентарна, поради тоа што заменик претседател на партијата е независниот пратеник од клубот на СДП, Јосип Крегар. Членови од партијата има и во претставничките тела на локалната самоуправа, изјави Јосиповиќ и додал дека партијата на чие чело е тој, нема да краде мандати.

„Тие луѓе, вклучувајќи го и Крегар, ќе бидат лојални кон листите на кои беа избрани, но сега ќе имаат и шанса дополнително да делуваат“, изјавил поранешниот хрватски претседател. /крај/мф/бс

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax