Портпаролот на Белата куќа се извини поради гафот поврзан со Холокаустот

0
219

Портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер се извини за коментарот за Башар ал Асад, во кој тој ги спомена Хитлер и Холокаустот, но неговите зборови звучеа како да ги омаловажува злосторствата на нацистичкиот режим.

– Искрено признавам дека е грешка тоа што дадов еден несоодветен и бесчувствителен коментар во врска со Холокаустот, изјави Спајсер и додаде дека се извинува поради тоа што си дозволил гаф.

Лидерот на демократите во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Нанси Пелоси изјави дека Спајсер треба да биде разрешен и претседателот Доналд Трамп треба итно да се огради од неговите зборови.

Спајсер кажа гаф додека говореше за хемискиот напад во Сирија, за кој Западот тврди дека е дело на режимот на Асад. Тој го нарече Асад полош од Хитлер и изјави дека дури и таков ужасен човек како Хитлер не користел хемиско оружје против својот народ. Тој ова го изјави на прес-конференција, а на барање на новинарка да ја појасни изјавата Спајсер рече дека Хитлер не користел таков гас врз сопствениот народ на ист начин како Асад.