Посегнуваат по цигара уште на девет години

0
627

Четири проценти од македонците првата цигара ја запалиле пред да наполнат девет години. Најголем број од учениците во земјава почнуваат да пушат на 15 години. На светскиот ден без тутун, Светската здравствена организација со апел за унифицирано пакување на цигарите.

Зависноста од цигарите е навика која влијае врз здравјето, а откажувањето е многу тешко – велат лекарите. За две години, речиси 700 граѓани ги посетиле советувалиштата за откажување од пушење низ земјава.

Унифицираното пакување на тутунските производи, ќе ја намали потрошувачката на цигари, смета Светската здравствена организација. Лекарите велат, најважно е да се подигне свеста.

Македонците важат за нација зависна од никотин, истражувања стари 11 години покажуваат дека тогаш зависници од тутунот биле речиси 43 проценти од граѓаните. Нови податоци нема.

Мотото на Светска здравствена организација за  годинава е апел до сите земји „Бидете спремни за едноставни, обични пакувања на цигарите”, што значи забрана или рестрикција на употреба на лого, слики, пораки и слично на кутиите за цигари. Ова ја намалува атрактивноста на пушачките продукти, ја ограничува примената на кутиите како место за информации и податоци и ја зголемува ефективноста на грижата за здравјето. Може да бидат напишани само името на продуктот и брендот во обична боја.