Последен ден за решенија за изборниот процес

0
181

Вторник е последен ден, зададен од комесарот Јоханес Хан, за работните групи да се договорат за изборните правила што е предвидено со договорот од Пржино за надминување на политичката криза во Македонија.

Вчера претставниците во работната група на која се расправа за гласањето на дијаспората, начинот на прочистување на избирачкиот список и решавањето по приговорите на одлуките на Државната изборна комисија не се сретнаа.

„Од модераторите на средбата, од господинот Питер Ван Хојт, известени се нашите преговарачи дека за денеска (понеделник)  средба нема да закажуваат. Најверојатно утре (вторник) ќе имаме конкретно решение на маса за коешто ќе се носат одлуките“, рече Зоран Заев на прес-конференција во понеделникот.

Потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска, од Неготино порача дека ВМРО-ДПМНЕ ја повторува старата тактика, да ги блокира преговорите со нивно постојано одложување, со барање за консултации, барање за паузи, враќање назад на прашања коишто одамна се расчистија.

„Очигледно целта е преговорите да влезат во некаков ќорсокак. Тоа нема да им помине. Слично како и со Законот за Специјалниот јавен обвинител, роковите се тука за да се почитуваат. Утре, договор за изборниот закон мора да има“, потенцира Шекеринска.

Појасни дека во текот на последните неколку дена, во преговорите за новата изборна регулатива СДСМ предложи зголемување на квотата од 40 отсто на жени, односно на двата пола, на сите кандидатски листи.

Заев, прашан за тоа дали ќе има време за квалитетно прочистување на Избирачкиот список, со оглед на фактот дека роковите се газат, рече дека целосна проверка на Избирачкиот список во Република Македонија мора да се случи.

„Нашите ставови се тоа да биде на еден транспарентен начин којшто ќе ја даде конечната цел а тоа е кредибилен избирачки список за граѓаните на РМ. Не за Заев, Груевски, Ахмети или Тачи, за граѓаните на Република Македонија. Знаете сите дека и според официјални статистики некаде околу 1 милион 650 илјади граѓани, вкупно, има Македонија коишто во моментов се во државата, останатите заради мигрирањето се надвор од државата. На последниот избирачки список имаме 1 милион 780 илјади гласачи. Сите знаеме дека проверка, прочистување или ревизија на Избирачкиот список мора да се случи“, додаде Заев..

Следниот рок кој е предвиден во договорот од Пржино е 20-ти октомври за избор на двајца министри и тројца заменици по предлог на СДСМ и двајца заменици по предлог на ВМРО ДПМНЕ./крај/мф/бб

Без коментари

LEAVE A REPLY