Последни подготовки за јубилејното издание на Охридско лето

0
85

Охридско лето е фестивал со најголема традиција во нашата држава, со високи критериуми при создавањето на програмата и во театарскиот и во музичкиот сегмент на фестивалот.
Уметниците од сите меридијани кои се дел од големото семејство на фестивалот се со висок уметнички кредибилитет, во врвот на светската театарска и музичка сцена. Последните подготовки за 55-то јубилејно издание на фестивалот Охридско лето се при крај.

Музичката програма изобилува со квалитетни уметници кои ќе привлечат голем број на публика а селектор и оваа година е Гордана Јосифовска Неделковска .

Во оваа јубилејна 2015 година, драмската програма чиј селектор е Ѓорги Јолевски, изобилува со новитети, високо реномирани уметници, копродукции, нови програми, различни простори.
На самото отварање на 12 -ти јули ќе биде изведено грандиозното класично дело во една нова современа димензија, поткрепено со моќна музика, сценската кантата Кармина Бурана, на Карл Орф, во реализација на продукциската куќа Ла фура дел баус од Шпанија.
Од Охридско лето истакнуваат дека совршената технологија на сцена никого нема да остави рамодушен.
За визуелните ефекти ќе има најсовремена видео, светлосна и аудио опрема.
Овој грандиозен проект за прв пат во ваква форма ќе се случува не само во Македонија туку во регионот и пошироко.
Дополнителната програма содржи бројни изложби, филмскиот маратон во соработка со кинотеката на Македонија, во кој ќе бидат презентирани Малиот човек, Трето полувреме како одбележување на 60 годишнината на Емил Рубен на филмското платно и многу други содржини.

Охридско лето од оваа година функционира во нови простории кои го заслужуваат имиџот и реномето на фестивалот и претставуваат пријатно катче за работа, како на вработените, така и за уметниците што доаѓаат.

Неда Маретиќ