Последниот видео запис на Есма Реџепова е за песната Свирете ја

0
1097

На 73 годишна возраст по кратко и тешко боледување почина пејачката, текстописец, хуманитарка, кралицата на ромската песна Есма Реџепова – Теодосиевска.

Нејзиниот последен видео запис е за песната Свирете ја, снимен во Генерал продукција од страна на Дарио Јанковиќ.

Есма Реџепова е родена во Скопје на 8 август 1943 година. Нејзината богата и меѓународна музичка кариера непрекинато траеше 55 години. Имаше репутација на светски уметник со повеќе од осум илјади концерти, настапи на над 15 јазици, издадени 60-ина албуми.

Во мај 2013 година Есма Реџепова – Теодосиевска ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Малме со поп-пејачот Влатко Лозановски и песната „Пред да се раздени“. Во 58-годишната историја на евровизискиот натпревар првпат една композиција делумно беше испеана на ромски јазик.

Во септември 2013 година беше одликувана со титула „Национален уметник на Република Македонија“ за нејзиниот децениски придонес за афирмација на Република Македонија во светот. Највисокото признание го доби и за нејзината хуманост и подобрувањето на социјалниот живот на Ромите, затоа што со сопругот Стево Теодосиевски се грижела за 47 бездомни ромски деца и го промениле нивниот живот.

За мисијата на врвен уметник и културен амбасадор на државата, таа во 2010 година од претседателот на државата Ѓорге Иванов беше одликувана и со „Орден за заслуги на Македонија“.

Оваа година беше објавена монографија за неа и нејзиниот животен сопатник и музички соработник Стево Теодосиевски од публицистот Славе Николовски-Катин. Изданието, насловено „Есма“, го објавија „Македонска искра“ и асоцијацијата „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“ од Скопје, со поддршка на Министерството за култура.

Советот на град Скопје денес одржа комеморативна седница посветена на Есма и беше отворена книга на жалост.

Без коментари

LEAVE A REPLY