Постигнат договор

0
367

Генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, е нов министер за внатрешни работи, а потпретседателката на опозициската партија, Фросина Ременски, ќе го преземе ресорот труд и социјална политика во Владата. На лидерската средба помеѓу потписниците на Договорот од Пржино (од ВМРО -ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА), што почна вчера попладне, се потврди дека избори ќе има 24 април, а усогласенисе и Законот за Влада, Изборниот законик, законот за „свиркачите“, законот за заштита на приватноста (за регулирање на објавувањето/необјавувањето на прислушувани материјали); има договор и за анкетната комисија во Парламентот. На средбата се договорени и замениците министри (во ресорите што ги предвидува Договорот од Пржино), така што во Министерството за информатичко општество и администрација тоа ќе биде Александар Кирацовски, во финансии, Кире Наумов, а во земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Премиерот на Владата и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по завршувањето на лидерската средба на која е финализиран Договорот од Пржино, изрази задоволство што разговорите завршиле со успех и потенцираше дека е важно што изборите нема да се одложуваат.

„Наша стратешка цел како партија беше да се бетонира датумот на избори, за што од СДСМ имаше обиди да го одложи, односно бараше да биде одложен,  но ние тоа не го дозволивме и инсистиравме да остане 24 април и успеавме во тоа“, изјави Груевски. Тој веќе говореше и за своите очекувања од политичката волја на граѓаните што ќе биде изразена на изборите.

„Ние веруваме во народот, во неговите одлуки, дека знае да направи правилен избор, и затоа ни беше важно колку што е можно побрзо и без одложување да има избори и народот да може да си донесе одлука и да каже на кому му верува за понатаму. Народот знае да го препознае тоа, знае да препознае што се политички игри и интриги и дека со валкана игра не се доаѓа на власт, туку со труд, работа, резултати, идеи“, рече Груевски кој очекува убедлива победа на изборите, дури и подобра од онаа минатата година.

За новите министри и заменици-министри од СДСМ, премиерот рече дека е добро што станува збор за истакнати партиски имиња, зашто така ќе преземеле политичка одговорност.

И претседателот на СДСМ, Зоран Заев, по лидерската средба го изрази своето задоволство од договореното, односно од сѐ што тоа ќе значи за целта на 24 април да се одржат избори по кои нема да има сомнеж во резултатите.

„Вечерва победи Македонија, ова вечерва е нов почеток за Македонија и за сите нејзини граѓани. Во овој период да ја подобриме нашата Македонија со демократизација на институциите, пред сѐ во делот на медиумите, во правосудството, во другите корективи во општеството, како Антикорупциската комисија и некои други институции, затоа што зголемена демократија во институциите ќе значи дека сите сме победници. На крајот, на изборите, може едната или другата страна да бидат победници, без разлика од македонскиот или од албанскиот блок, секако тоа е многу важно прашање, но да не заборавиме дека ова мора да биде исклучиво во интерес на граѓаните на Република Македонија“, рече Заев. Претседателот на СДСМ влегувањето на неговата партија во Владата го објасни како потреба „заедно со власта да бидат гарантори на фер, демократски и регуларни избори“.

„Ова значи дека граѓаните ќе имат слободно изразена волја, дека кога ќе дојде денот на изборите ќе одлучат онака како што тие мислат дека е најдобро за нив, за нивните семејства, за нивната земја, за нашата Македонија. Тоа е таа гаранција за којашто се боревме и се надевам дека ќе ја успееме до крај да ја имплементираме заради сите граѓани на нашата Македонија“, рече Заев.