Постигнат е договор, испративме писмо до Советот на Јавни обвинители

0
187

Писмо со потписите на ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА ќе биде испратено до Советот на јавни обвинители и Уставниот суд, потврди олеснувачот во преговорите во работните групи Питер Ванхауте.

Иако Ванхауте не сакаше да каже детали за писмото, според извори од преговорите со него ќе побараат Советот в понеделник да ги избере и останатите седум обвинители од тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева, а уште истиот ден сите избрани обвинители да дадат заклетва.

Сепак за да биде процедурално, а да не се добие впечаток дека партиите се мешаат директно во работата на Советот, писмото е адресирано до министерот за правда, Аднан Јашари, а тој треба да го препрати до Советот на јавни обвинители, и да побара да се закаже седница за избор на останатите обвинители.

Исто преку Јашари, писмото ќе биде адресирано и до Уставниот суд со барање што побрзо да се закаже седница и уставните судии да се изјаснат за уставноста на законот за специјалното обвинителство.

Доколку Советот постапи по договорот на работната група, еврокомесарот Јоханес Хан в понеделник во Скопје ќе го пречекаат деблокирани преговори.

Инаку преговорите во работните групи продолжуваат и викендот и по сите пробиени рокови за договор околу изборната регулатива. Ванхауте е оптимист дека до понеделник ќе се договори Изборниот законик за до вторник да стаса до Собранието.

Денешниот договор, според информациите, беше постигнат откако СДСМ ги замрзна преговорите и инсистираше партиите што работат на спроведување на договорот од Пржино да се состанат и да најдат решение за како што велат прекршениот договор, откако Советот за јавни обвинители избра само половина од списокот на обвинители на Јанева.