Постигната согласност за прекин на насилствата во Сирија

0
324

Светските сили се договорија за спроведување на прекин на насилствата на целата територија во Сирија, кој треба да стапи на сила за една недела.

На разговорите во германскиот град Минхен, министрите за надворешни работи на САД и Русија, Џон Кери и Сергеј Лавров се договориле и за забрзување на хуманитарните активности и доставувањето помош во храна и други основни продукти во воените зони.

-Направивме напредок во хуманитарната сфера и прекинувањето на непријателствата.Прогресот во овие две области има потенцијал, доколку е целосно исполнет, да го промени секојдневниот живот на народот во Сирија. Прво, се договоривме да го забрзаме и прошириме доставувањето на хуманитарната помош, започнувајќи веднаш. Второ, се договоривме да воспоставиме прекин на насилствата на национално ниво, започнувајќи по една недела. Тоа е амбициозно но сите се цврсто решени да одиме што е можно побргу, во обид да го оствариме ова, изјави Кери.

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, изрази задоволство од постигнатиот дипломатски договор на САД, Русија и останатите сили, додавајќи дека тој за прв пат ја вклучува и потребата од целосна соработка не само за политичките и хуманитарните, туку и за воените прашања.  Договорот за прекин на огнот нема да важи за припадниците на ал-Нусра и Исламската држава, против кои Русија и САД ќе ги координираат своите операции.

-Како што знаете, минатите месеци имавме многу емотивни разговори за тоа кој ги напаѓа вистинските цели, кој ги напаѓа погрешните цели. Со овој договор, заеднички ќе ги утврдиме регионите кои ги контролираат Исламската држава и ал-Нусра и ова е значаен чекор напред во овој правец. Подвлекувам дека за прв пат, документот кој го усвоивме ја потврдува потребата за соработка и координација не само во поглед на политичките и хуманитарните прашања туку и за воените прашања, изјави Лавров.