Потпишан Еколошки шумски манифест во Крушево

0
424

На градскиот плоштад во Крушево, обединети под бајракот на Илинденското востание, на почетокот на манифестацијата „Крушево етно – град“ во неделата, беше потпишан и првиот Еколошки шумски манифест.

Оваа година за прв пат идеологот на туристичкото востание војводата Ранко Петровиќ-Бубамара го прочита првиот „Еколошки шумски манифест“ против сечење на шумите во Крушево и Македонија. Неговиот говор предизвика воодушевување кај револуционерите и туристите кои масовно пристапија кон потпишување на Еколошки шумски манифест за заштита на шумското богатство. Тој рече: „Од вечерва горите македонски силно нека пеат, нови песни, нови весници – Македонија слободна еколошки да живее. Да дише слободно Македонија. Во борба, во борба за екологија, македонски народе мој“.

Први потписници на првиот Еколошки шумски манифест се Ранко, Градоначалникот на Крушево, но и внуците на Тоше Проески, како и правнуците на познатите партизани и илинденци: Нико Доага, Веле Марков, Питу Гули и Никола Карев.

Зад еколошкиот шумски манифест со своите потписи застанаа и повеќе од 1 000 крушевчани кои само во текот на првиот ден се потпишаа. На овој начин во пресрет на Илинден 2015, се испраќа апел до сите други општини и села во Македонија, да донесат одлука за забрана на неконтролирана и прекумерна сеча на шумите во Македонија.