Потписи за иницијативата за предлог закон за амнестија ќе почнат да се собираат од среда

0
790

Подобрување на условите во затворите и можност за укинување на затворската казна ако е отслужено 40% од казната се барањата на граѓанската иницијатива за закон за амнестија. В среда треба да почне собирањето на 10.000 потписи за предлог законот да се најде пред пратениците.

На оваа иницијатива претходеше штрајк со глад на затворениците во повеќе затвори во Македонија кои главно бараа подобрување на условите во затворите. Во затворот Идризово кој има капацитет од 800 затвореници, во моментов казна затвор отслужуваат речиси 2.000 затвореници.

Дел од иницијаторите, главно пријатели и роднини на затворениците за ова протестираа и пред Собранието и пред Владата на Република Македонија.

Собирање на 10.000 потписи за граѓанската иницијатива на државно ниво за донесување на закон за амнестија почнува во среда и и ќе трае три месеци, согласно Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните.

Според иницијаторите затворениците нема да можат да се потпишат на иницијативата за предлог-законот за амнестија да се најде пред пратениците. Од Државната изборна комисија иницијаторите биле информирани дека затворениците тоа треба да го сторат во подрачната единица на општината каде им се води адресата во личната карта, но неизводливо било за секој затвореник да се обезбеди превоз и надзор до неговата општина.