Потврдена условената покана од Букурешт за Македонија

0
424

Министрите за надворешни работои на земјите-членки на НАТО во рамки на Северно-атлантскиот совет (НАК) денеска ја повторија политиката на „отворени врати“ на Алијансата и ја потврдија условената покана за членство на Македонија од Самитот во Букурешт, јави допинскиот на МИА од Брисел.

– Ја повторуваме цврстата посветеност на НАТО на евроатлантските интеграции на БЈР Македонија. Ние го цениме нејзиниот непоколеблив придонес за нашите операции и нејзината долгогодишна посветеност на процесот на пристапување во НАТО. Ние ја потврдуваме нашата одлука донесена на Самитот во Букурешт во 2008 година, а повторена на последователните самити, дека НАТО ќе испрати покана на БЈР Македонија веднаш штом ќе се постигне заеднички прифатливо решение за прашањето за името во рамките на Обединетите нации. Ние продолжуваме да ги интензивираме своите напори кон таа цел, се наведува во декларацијата на НАТО-минситрите, во делот за Македонија.

Во заклучоците од денешниот состанок, НАТО-минситрите посочија дека ја потврдуваат посветеноста на политиката на отворени врати согласно членот 10 од Вашингтонскиот договор, како што неодамна е поставено од страна на шефовите на државите и владите на земјите-членки на Самитот во Велс.

– Последователните рунди на проширување ја подобрија нашата безбедност. Евро-атлантската интеграција, исто така, ги поттикнува реформите и се грижи за стабилноста што е неопходно за просперитет. Вратата на НАТО е отворена за сите европски демократии кои ги делат вредностите на нашата Алијанса и кои сакаат и се во можност да ги преземат одговорностите и обврските за членство и кои се во позиција да ги унапредат принципите од Договорот на Алијансата, односно чие вклучување ќе придонесе за безбедноста на северноатлантската област. Одлуките за проширување се за самиот НАТО, се наведува во декларацијата од состанокот во Брисел на кој и официјално е упатена покана до Црна Гора за членство во Алијансата.

Во поглед на Македонија, шефовите на дипломатиите на земјите-членки на НАТО, денеска исто така усвоија заклучок дека поради загриженоста во врска со неодамнешните политички случувања во земјата, ги повикуваат сите страни да го почитуваат и да продолжат со спроведување на договорот од јуни-јули, што беше олеснет од страна на ЕУ. Алијансата очекува и одржување на слободни и фер избори следната година, што, како што се наведува, „ќе биде важен репер за овој процес, кој ние ќе продолжиме да го следиме внимателно.

– Ние ги охрабруваме интензивираните напори за политички компромис и реформи, особено за обезбедување ефективен демократски дијалог, владеење на правото, слобода на медиумите и независност на судството. Ние, исто така, продолжуваме да ги поттикнуваме натамошните напори за изградба на целосно функционално мултиетничко општество врз основа на целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор. Ние ги охрабруваме понатамошните заложби за развивање на добрососедските односи, се наведува во овој параграф на НАТО за Македонија, кој беше донесен на инсистирање на Албанија и Бугарија.