Повеќе во градинките, помалку во училиштата

0
892

На утрешната седница на Советот на Општина Битола ќе се разгледуваат извештаите и годишните програми на градинките на двете установи, „Естреја Овадија Мара“ и „Мајски цвет“. Исто така пред советниците ќе се најде и одлуката за отворање две нови воспитни групи во ЈОУ „Естреја Овадија Мара“ Битола.

Управниот одбор на Детската градинка „Естреја Овадија Мара“ на 30 минатиот месец донесе одлука да се побара согласност за отворање две нови воспитни групи во установата, со што вкупниот број на воспитни групи ќе биде зголемен од 34 воспитни групи на 36 воспитни групи. Согласноста се бара за поделба на една воспитна група во детската градинка „Росица“, како и за формирање на една хетерогена воспитна група во детската градинка „Вангел Мајорот“.

Исто така како точка на дневен ред е и одлуката за давање согласност за работа на воспитните групи со поголем број на деца во детските градинки на „Мајски цвет“, и тоа во градинките ДГ „Мајски Цвет“, ДГ „Коца Василева“, ДГ „Славејче“, ДГ „Пеперутка“, ДГ „Качунка“, ДГ „Кокиче“ и ДГ „Ѕвездички“. Во одлуката е наведено дека поради големиот прилив на деца во установата, поради потребата на родителите нивните деца да бидат згрижени во детските градинки кои работат во состав на ЈОУДГ „Мајски цвет“ – Битола , дејноста згрижување и воспитување на деца се остварува со поголем број на деца во воспитните групи од бројот на деца утврден во членот 64 став 2 и 3 од Законот за заштита на децата.

Освен градинките, на дневен ред во Советот утре се и училиштата, извештаите и годишните програми. Но како точка на дневен ред е и Решението за давање согласност за формирање на паралелки со помал број на ученици во средните училишта на подрачјето на Општината Битола и тоа во средните училиште „Таки Даскало“, „Кузман Шапкарев и во „Ѓорѓи Наумов“.

Советниците ќе треба да дадат согласност и за формирање на паралелки со помал број на ученици во основните училишта на подрачјето на Општината Битола за учебната 2015/16 година. Точката се однесува училиштата ,,Елпида Караманди“, ,,Св.Климент Охридски“, ,,Даме Груев“, „Гоце Делчев“, „Ѓорѓи Сугарев“, ,Коле Канински“, ,Александар Турунџев“ село Кукуречани, ,,Крсте Петков Мисирков“ село Бистрица, ,,Тодор Ангелевски“ и „д-р Трифун Пановски“.

Без коментари

LEAVE A REPLY