Повик за протести во палестинските територии, закажан итен состанок на СБ

0
1835
Израел ги зајакнува безбедносните мерки поради се позачестеното насилство во земјата. По улиците на Ерусалим се распоредени шест илјади полицајци, а властите од денеска воведоа ограничување за пристап на муслимани за петочната молитва во џамијата Ал Акса. Дозволен е пристап само на мажи над 40 години.
Одлуката на властите во Тел Авив доаѓа само неколку часа откако Палестинци со молотови коктели го запалија третото еврејско свето место – гробницата на Јосиф на Западниот брег.
„Израел користи правилен и точен начин на легитимна употреба на сила која би ја користела секоја влада, општина и полиција доколку има луѓе кои користат ножеви, сатари, секири во обид да убиваат луѓе по улиците. Што мислите дека би се случило во Њујорк, ако видевте лица кои напаѓаат групи на луѓе во обидат да ги убијат? Што мислите дека би направиле тие?“, изјави Бенјамин Нетајнаху.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас го осуди палењето на гробницата, го оцени како неодговорен чин и нареди истрага и поправање на предизвиканата штата.
Поради новиот бран насилство меѓу Израелците и Палестинците, тој вчера побара меѓународна интервенција за спречување нова војна на Блискиот исток. Абас истакна дека поддржува „мирен народен отпор“ против израелската окупација.
„Тоа е закана за мирот и стабилноста и може да испровоцира религиозен конфликт, што ќе запали се, не само регионот, туку и целиот свет“, изјави Махмуд Абас, претседател на Палестина.
Палестински групи денеска повикаа на демонстрации на Западниот брег и во појасот Газа по неделната муслиманска молитва. Поради распламтувањето на насилството, Советот за безбедност на ОН за денеска закажа итна седница.
Инцидентите меѓу Палестинците и Евреите почнаа пред еден месец, по гласините дека Израел планира да ја заземе џамијата Ал-Акса. Од почетокот на бранот насилства пред две недели, убиени се најмалку 38 лица од кои 31 е Палестинец и седуммина Израелци.
Палестинците се исто така загрижени и поради еврејското навлегување во Западниот брег, што тие посакауваат да биде дел од нивната држава. Многумина не се задоволни и од палестинскиот претседател Махмуд Абас. Го сметаат за слаб, од причина што мировниот договор за постоење две држави станал се подалечен.