Повисоки казни за возачите и совозачите без појас

0
318

Повеќе измени и новини се воведуваат со Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата кој е во собраниска процедура. Во однос на користењето сигурносни појаси, предложениот закон предвидува обврска за возачот на моторно возило и за лицето кое се превезува со тоа возило, во кое се вградени сигурносни појаси, да бидат врзани со тие појаси за време додека возилото се движи во сообраќајот на пат, исклучувајќи ги доставувачите на стока во прометот, во местото на испорачувањето, како и возачите кога со возилото се движат со брзина на човечки од, кога се движат наназад и на паркиралишта.
Предложените измени на законот предвидуваат повисоки казни за возачите и сопатниците кои не се возат со сигурносен појас, наместо досегашните 20 евра и 10 негативни поени, возачот ќе добие глоба од 40 евра или 25 негативни поени, а совозачот наместо 20, ќе биде казнет со 50 евра. За зборување на мобилен телефон наместо 45, возачите ќе плаќаат 40 евра глоба, а останува бројот на негативни поени – 25. Новитет е казната од 50 евра за совозачот кој ќе го попречува возачот на начин кој би го намалиле неговото внимание и можноста за реагирање и сигурно управување со моторното возило. Казните се зголемени и за моторциклистите кои не носат заштитна кацига, наместо 35 ќе плаќаат 50 евра, а толку ќе платат и совозачите, кои досега плаќаа 20 евра. Пешаците пак кои ќе поминат на црвено светло ќе платат 50 евра, а ако не ја поминат улицата на пешачки премин, ќе платат 30 евра, наместо досегашните 25.