Повторно одложено рочиштето за предметот „Пуч“

0
264

Повторно е одложено денешното рочиште за случајот „Пуч“, овојпат на неопределено време, бидејќи двајца поротници, односно еден поротник и еден заменик немале безбедносни сертификати.

Во Кривичниот суд на закажано рочиште за случајот „Пуч“ во кој како обвинети се јавуваат поранешниот директор на некогашната Дирекција за безбедност и контраразузнавање (ДБК), Зоран Верушевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, точно во 10 часот се појавија двајцата обвинети. На денешната расправа како сведок требаше да се појави и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, но тој не дојде на рочиштето. Филип Медарски, адвокат на обвинетите, побара да му биде одговорено каде е сведокот Груевски.

Откако било констатирано дека двајцата поротници немаат безбедносни сертификати, судијката Љубинка Башевска рече ќе го закаже новото рочиште тогаш кога ќе се обезбедат сертификатите. Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева побара сите да ги покажат безбедносните сертификати, зашто една година се одлага судењето заради сертификатите.

„Нели ви е срам што го одложувате судењето цела година, го одложувате предметот и нѐ малтретирате“, реагираше Јанева.

На ова судијката ја опомена обвинителката Јанева, која, како што запиша во извештајот, „без дозвола на судот вика и го нарушува редот“ и ѝ се закани со казна.

„Казнете ме“, одговори Јанева.

На последното откажано рочиште специјалната обвинителка реагираше на болеста на поротникот, што беше причина за одложувањето и на одлуката на судот да не го повика сведокот Груевски.

Во предметот „Пуч“, за неовластено прислушување се обвинети Заев, Верушевски, неговата сопруга Соња Верушевска, Ѓорѓи Лазаревски, поранешен вработен во МВР и вработениот во струмичката општина Бранко Палифров.

Од обвинителката Јанева се очекува да го дополни обвинението со функционери од власта кои го организирале и спровеле прислушувањето. На последното рочиште таа  изјави дека е подготвена да ги изнесе наводите во обвинителниот акт по неколкумесечното подготвување на предметот кој го презедоа од Обвинителството за организиран криминал.

mkd.mk