Пожарот кај Трескавец под контрола, гори во Никодин и Крушевица

0
409

Големиот пожар, во кој синоќа беа зафатени 50 хектари со борова и нискостеблеста шума околу манастирот Трескавец кај Прилеп е ставен под контрола. Со максимални напори на пожарникарите од ТППЕ Прилеп и околу 50 граѓани доброволци обезбеден е манастирот и во најголемиот дел од просторот огнот е изгаснат. Станко Колески, командир на ТППЕ вели дека има се уште огнени пламени во нискиот дел од страната на Горно село, но и денес на терен има околу 60 лица кои се ангажирани во гаснењето.

На територијата на Прилеп активни се уште два пожари. Гори кај селото Крушевица каде е опфатена површина од 150 хектари со мешана шума. Овој пожар се префрлил од кај с. Бонче. Екипи се на терен и работат на гаснењето на огнот. Гори и дабова и борова шума на површина од 250 хектари во с. Никодин.

Колески потенцира дека се работи на гаснењето на сите пожари во прилепско и апелира граѓаните да се вклучуваат во гаснењето на огнените пламени.

Надлежните од општината се сомневаат дека има намерно подметнување на пожарите. Градоначалникот Марјан Ристески, кој го осуди намерното подметнување на голем дел од пожарите кои што се на територија на Општина Прилеп ги повика соодветните институции да реагираат.

-Да се пронајдат сторителите на овие кривични дела и да се постапи според законот. Со сите овие пожари е направена огромна материјална штета, се прават големи трошоци кои се на товар на Општината, ТППЕ, јавните институции и сите кои се вклучени во гаснењето на пожарите – вели Ристески.

http://novamakedonija.com.mk

Без коментари