Пожарот кај Трескавец повторно активен

0
336

Општина Прилеп преку соооштение ноќеска на полноќ информираше дека манастирот Трескавец повторно е во опасност од пожар.

Пожарот од предната страна на манастирот, кој на 23 август беше ставен под контрола во попладневните часови повторно е активен, велат од Општината.

Додека синоќа се служела вечерна богослужба во црквата во манастирот која го носи името на празникот Успение на Пресвета Богородица, пожарникарите, доброволците од ЈП и граѓаните волонтери се бореле со огнените јазици околу манастирот Трескавец.

– Пожарот од кај Дабница кој беше намерно запален го ставивме под контрола, но повторно беше запален и зеде огромен замав, па денеска попладне опожари и неколку викендици, овошни и лозови насади во населбата Заград. Во овој момент имаме три активни пожари, во пределот на Трескавец од западната страна, кај Горно село, каде се соочуваме со непристапен терен за гаснење, во Гостиражни, Небрегово  и во делот на Сивец. Помош побаравме од  ТППЕ – Битола кои пристигнаа со неколку пожарникари и возила.

Одговорно тврдам дека овие пожари се намерно подметнати, бидејќи се видени лица како палат и бегаат. Ова преминува во безобразлук! Се надеваме на поповолни временски услови, ветрот да не добие друг правец. А, во меѓувреме ќе дежураме со две возила околу манастирот се до завршувањето на целата акција, вели командирот на ТППЕ –Прилеп, Станко Колески.

Градоначалникот на Прилеп кој доцна синоќа дојде кај Трескавец го повика институциите, шумската полиција да реагираа и „да фатат и да казнат барем едно лице во текот на овој период кој ги потпалува шумите и ја става во опасност целата прилепска околина“.

Во околината на Прилеп гори повеќе од 15 дена, а никој не знае кој е виновникот кој ги предизвикува пожарите.

http://novatv.mk

Без коментари