Пратениците бараат да нема двојно казнување на фирмите

0
629

Во Собранието на Република Македонија е поднесен нов предлог за измена на законот за готовинско плаќање во делот на изрекување на казни за продавачите кои не располагаат со фискална каса и соодветна опрема. Според предлагачот Јован Митревски со група пратеници со предложените измени се предвидува да не се изрекува казна за забрана за вршење на дејност од 15 дена кај правното или физичкото лице каде е констатирано дека има недостиг на фискална каса бидејќи по истиот основ во законот веќе се предвидува глоба.

Со новиот предлог законско решение се бара да се овозможи на даночниот обврзник кај кого е констатирана незаконитост да нема забрана за вршење на дејност во деловната просторија во траење од 15 дена за даночен обврзник правно лице и 15 дена за даночен обврзник физичко лице затоа што во другите членови од овој закон се пропишани обврски за плаќање на глоба.

– Со оглед на тоа дека не се работи за обемен и сложен закон,  предлагаме согласно член 170 од Деловникот на Собранието на Република Македонија Предлогот на закон за изменување на Законот за регистрирање на готовински плаќања, да се донесе по скратена постапка.

Со членот 1 се врши измена во членот 20-а од постоечкиот закон, а се однесува на бришење на казната со која даночните обврзници покрај плаќањето на глобата им беа затворени и деловните простории што сметаме дека не допридонесува ниту за економски развој ниту да може даночниот обврзник без да ја обавува дејноста да плати казна и други давачки кон државата, стои во образложението на предлог законот.

Доколку неправилностите не се отстранат во предвидениот рок тогаш може да настане изрекување на мерката на забрана за привремено вршење на дејноста, а даночниот обврзник може да поведе спор пред управен суд, но тужбата не го одлага извршувањето на решението.

faktor.mk

Без коментари