Пратениците не го продолжија мандатот на СЈО

0
532

Законот за заштита на сведоците на СЈО и Измените на Законот за СЈО за продолжување на мандатот на ова обвинителтво, предложени од пратеничката група на СДСМ не поминаа во Собранието, бидејќи пратениците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против.

Пратеникот Петре Шилегов од СДСМ претходно ги повика колегите од владејачкото мнозинство да гласаат според војата совест, бидејќи, како што рече, во интерес на ВМРО-ДПМНЕ е нивниот лидер и експремиер Никола Груевски да докаже дали имало странски служби кои прислушувале во Македонија, жолти комбиња, чадори, дали земал кинески провизии за автопатиштата или не земал, дали началникот на УБК намерно ја уништил опремата или не.
За потребата од продолжување на мандатот на СЈО, рече дека нелогично е Обвинителство кое истражува кривични дела за злоупотреба на службената положба и овластувањата, кои застаруваат за 10 години, да имаат пократок мандат од периодот на застарување на овие дела.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, подоцна на прес-конференција објасни дека коалиција За подобра Македонија не гласала за двата предлога, бидејќи „од страна на СЈО Собранието беше наречено нелегитимно, не беше доставен финансиски извештај за трошење на повеќе од 60 милиони денари и поради недоаѓањето на специјалната обвинителка Катица Јанева во Собранието да го одбрани извештајот“.