Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараат Собранието да одлучи дали ќе се потпише договорот со Бугарија

0
401

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара јавна, отворена и итна седница во врска со најавата за потпишување на договорот за добрососедство со Бугарија. Собранието, како што истакна на прес-конференција Илија Димовски, треба да го разгледа договорот и да донесе заклучоци дали треба или не да се потпише во ваква форма. Договорот, според ВМРО-ДПМНЕ, е штетен за Република Македонија и може на среден и долг рок да ги влоши односите меѓу двете земји.

– Парламентот мора јавно и транспарентно да го добие договорот. Владата може краткорочно да го крие затоа што договорот не е добар за Република Македонија. Порано или подоцна мора да го објави, рече Илија Димовски на прес-конференцијата во Собранието.

Договорот, според Димовски, ќе отвори стари историски рани, да нанесе болка кај многу семејства чии предци биле жртви и се бореле за автономија, за самобитност и за самостојност на Македонија и за културна и историска засебност на македонскиот народ.

ВМРО-ДПМНЕ, како што кажа, ќе поддржи договор кој ќе овозможи брз влез во ЕУ и во НАТО. – Нам не ни е потребна втора времена спогодба, изјави Димовски кој оцени дека овој договор на среден и долг рок ќе значи влошување на односите меѓу двете држави.

– Повикуваме на итна седница на Собранието на која договорот ќе биде разгледан и Собранието ќе донесе заклучок дали тој договор треба или не да биде потпишан во ваква форма, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Без коментари