Пратениците утре се враќаат во собраниските клупи, ќе ја бираат Комисијата за избори и именувања

0
444

Конститутивната седница на Собранието која што започна на 30 декември лани со верификување на мандатите на новите пратеници, продолжува утре, по тримесечна пауза.

Продолжението на седницата е закажано за утре напладне, а на дневниот ред се најавени изборот на членовите на Комисијата за избори и именувања и избор на претседател на Собранието.

По неколкудневни преговори парламентарните партии се договорија во Комисијата за избори и именувања ВМРО-ДПМНЕ да има шест члена, СДСМ пет, а ДУИ и Беса по еден член, а претседател на Комисијата да биде Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Димовски веќе најави дека утре ќе се расправа само за изборот на составот на Комисијата за прашања на избори и именувања.

„Потоа, според процедурата, треба да се свика седница на Комисијата, таму да се разгледаат еден, два, три, десет или сто предлози за претседател на Собранието и утврдениот предлог од Комисијата да се достави до претседавачот на конститутивната седница, по што тој ќе може да свика седница за избор на претседател на Собранието“, рече Димовски.

Партиите, освен, ДУИ, засега молчат за кандидатите за претседател на Собранието. Единствено портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, рече дека Талат Џафери ќе биде кандидат за претседател на Собранието и додаде дека има поддршка од парламентарното мнозинство.

Од СДСМ не одговараат дали ќе го поддржат кандидатот на ДУИ и најавуваат дека на утрешното продолжување на конститутивната седница на Собранието ќе го соопштат договорот на новото парламентарно мнозинство околу решението за нов претседател на Собранието.

Раководството на Беса, пак, се изјасни дека нема да го поддржи кандидатот на ДУИ за претседател на Собранието, Талат Џафери и одлучи да предложи свој кандидат за собраниски спикер, но не открива имиња.

Претседател на Собранието според Уставот и Деловникот се избира и изгласува со мнозинство од 61 глас од пратениците.

mkd.mk