Празник на музиката викендов во Битола

0
515

По повод 1100 години од упокојувањето на Св. Климент Охридски, во Народниот театар во Битола, ќе се одржат два свечени концерти. Програмата започнува на 18 ти ноември со концертот на КУД. Даме Груев,а во организација на истоименото академско здружение.

Веќе следниот ден, 19 -ти ноември, со почеток од 18 часот, за сите љубители на класичната музика, НУУБ. Св Климент Охридски и камерната опера Кирил Македонски, го организираат свечениот концерт на маестро Борис Трајанов, оперската првенка Весна Гиновска Илкова и виолинистот Игор Милевски.

Маестро Трајанов оваа година одбележува 31 година уметничка дејност.

Македонскиот баритон е еден од најрепрезентативните музички уметници во Република Македонија. Со многубројните концерти одржани на релевантни светски афирмирани манифестации и фестивали, како и со освоените престижни меѓународни награди и признанија, дал врвен придонес во градењето и унапредувањето на културата и уметноста во нашата држава.

Во неговата професионална биографија е застапен разновиден репертоар од 43 водечки баритонски улоги, настапил во голем број оперски куќи и на многубројни фестивали во Германија, САД, Латинска Америка, Русија, Јапонија, Кореја, Израел и во други земји, настапувајќи со некои од најголемите диригентски и пејачки имиња од светот на музиката.

Добитник е на повеќе домашни и интернационални награди, настапувал во над 80 оперски куќи во светот на околу 700 претстави.

Во септември 2014 претседателот на Република Македонија, му ја врачи најпрестижната титула во областа на културата “Национален уметник на Република Македонија”.

Весна Гиновска Илкова во својата богата музичка кариера има настапувано на бројни светски познати музички сцени и со врвни музички партнери.

Позади неа е над две децениска работа на оперска сцена, со повеќе од дваесеттина улоги во најпознатите опери, како „Аида“, „Бал под маски“, „Атила“, „Мадам Батерфлај“,многубројни настапи на сцената на Македонската опера, но и на светските сцени.

Покрај многуте оперски улоги што го отсликуваат богатиот сценски сензибилитет и колорит на нејзиниот раскошен вокал, на сцената сме ја слушале во изведба на лирски улоги, но во последно време, и во драмски ролји – како Турандот во истоимената опера од Пучини и леди Магбет во Вердиевата опера „Магбет“.

Игор Милевски е професор по виолина во Државното музичко училиште Битола .

Добитник на многубројни награди и признанија, настапувал како солист со Македонската Филхармонија како и со камерниот оркестар на Битола.

На 29-ти октомври подари свој концерт на Бигорското семејство и Отец Партениј.