Пред осум години било алармирано за мозаиците во Хераклеа

0
1063

Цементот и несоодветната заштита биле причина за оштетувањето на мозаиците во Хераклеа, така рекоа и стручњаците од Италија, а и луѓето од битолскиот музеј.
Изненадувачка вест, барем така ја дочека целата јавноста, за она што се случува во едно од најголемите културно-историски богатства на Битола и воопшто на Македонија.

Ако прошетаме по времето назад, ќе прочитаме наслов „ По 40 години откриени раскошни мозаици на Хераклеја“. Стои на сајтот на Министерството за култура. Информацијата е од 2013 година, кога соопштија дека двете големи базилики со раскошни мозаици кои потекнуваат од четвртиот до шестиот век од нашата ера се новите и ексклузивни наоди од археолошкиот локалитет Хераклеа, капитален проект на Владата на РМ и министерството за култура.

Screenshot from 2016-08-24 11:17:41

Откриен раскошен мозаик на Хераклеа, така во таа 2013 пишуваа и медиумите, пренесувајќи дека се работи за мозаик на ранохристијанската базилика, што со својата големина го потврдува значењето на градот како развиен епископски центар.

Исто така во 2013 година беше соопштено дека музејот добил средства од Министерството за култура за заштита на мозаиците во Хераклеа со покрив од челични монтажни конструкции. Тогаш во таа 2013 година рекоа дека мозаиците дотогаш се заштитуваа со застарена метода на покривање со песок, а дека наглите климатски промени го оштетуаваат ова недвижно културно наследство.

Screenshot from 2016-08-24 11:22:18

Ако се вратиме поназад, во 2008 година медиумите информираа за тоа дека Италијанската влада донира 130 илјади евра за заштита на културното наследство на бисерот на македонската антика.

Тогаш во рамките на проектот „Активности за заштита и валоризација на археолошките наоѓалишта во РМ“,  на семинар за конзервација на мозаиците  италијанскиот експерт Паоло Ракањи, на македонските колеги им го пренесе своето искуство за третманот на мозаиците. Според Ракањи, конзервацијата на мозаиците е крајно сложена постапка, токму поради фактот што структуралните интервенции треба да се изведат на лице место.

Screenshot from 2016-08-24 11:42:12
„Пред се’, мозаиците не се создадени за да бидат на отворено, се работи за сложени декоративни циклуси кои ги има и на згради и на поголеми зданија. Што се однесува до конзервацијата пак, постојат големи ризици, тоа се биохетерогени агенси кои не можат на ниту еден начин да бидат отстранети туку само контролирани. Да се сочува мозаикот значи да се одржува постојано. Концептот е едноставен, исто како што ја одржувате вашата соба“, препорача Ракањи. Што се однесува конкретно до мозаиците во Хераклеја кои ги има во поголем број на овој антички локалитет, италијанскиот експерт предлага тие да се заштитат од директна светлина од влијанието на сонцето, за да не затемнат самите мозаични камења, рече тој во 2008 година.

Screenshot from 2016-08-24 11:30:38

Тогаш како што известуваа медиумите за битолските археолози, иако признаваат дека крајно време е да се размислува за заштита и презентација на подните мозаици во Македонија кои се зачувани од раноримскиот период, антиката, па дури и од средновековието, сепак заштита со монтажен покрив над мозаиците ќе значи нагрдување на локалитетот.

Проектот „Заштита и валоризација на археолошките локалитети во Македонија“ започна во 2007 година кога италијанската влада одобри три милиони евра – средства наменети за децентрализација во културата, образованието и едукацијата.

Богатството на античкиот град односно ја возбудува македонската јавноста, Хераклејските мозаици најблескави на медитеранот, вака се известуваше од дел од медиумите во 2008 година кога и ја пренесоа изјавата на тогашниот директор на Управата за заштита на културното наследство „  Македонските мозаици се заштитени во согласност со сите меѓународни закони и конвенции. Во изминатите 50 години константно се одделувани државни средства за конзервација на мозаиците и можам да констатирам дека сум задоволен со конзерваторскиот третман на кој работеле наши стручни лица од козерваторската школа – рече тогаш Паско Кузман.

И во 2011 година се пишуваше за потребата од заштита на Хераклеа. „Од време на постарите колеги се практикуваше покривањето со песок. Но, забелешката е што кај песокот со самото таложење се случува да се појави вегетација, која може да допре до камчињата и да дојде до нивно подигање и оделување од подлогата“, предупреди конзерватор од Битола.
И тогаш предупредување за цементот. „Постои и еден друг проблем што наназад се провлекуваше, а тоа е што како материјал за конзервација било користено цементото, кое не дава да диши малтерот, да ја впива и отпушта влагата. Тоа е проблем, па последните две до три години го избегнуваме циментото и користиме на варов малтер.

И во таа 2011 година Конзерваторите сметаат дека најдобра заштита е да се стави покрив над секоја мозаична површина, но тоа чини многу, па се разгледуваат и алтернативни методи кои веќе се применуваат во соседните држави.

Она што деновиве го слушаме изгледа дека не е ништо ново од она што е кажано или се кажувало во изминатава деценија. А на прашањето што се направило, одговорот деновиве го добивме.