Предвремени парламентарни избори во Србија

0
477

Главниот одбор на најголемата партија во српската владина коалиција, Српска напредна партија (СНС) денеска реши да го поддржи предлогот на партискиот лидер и премиер на Србија, Александар Вучиќ за одржување предвремени парламентарни избори во земјата, пренесува МИА.

Како што јави Танјуг, Вучиќ во обраќањето на седницата нагласи дека решил да побара одржување предвремени парламентарни избори, со цел „да се разреши општествениот судир кој ги блокира реформите“ и затоа што сака со спроведување на реформите во 2020 година „да ја доведе Србија пред вратите на ЕУ како пристојна и уредена земја“.

Одлуката за одржување на предвремени избори на седницата на 505-члениот Главен одбор на СНС е донесена со акламација и со долготраен аплауз.

Вучиќ во обраќањето нагласи дека откако СНС ја презеде власта, Србија постојано се наоѓа во „состојба на латентен општенствен судир“ и дека неговата Влада постојано наидува на огромен отпор во нејзините напори за разбивање на блокот „составен од тајкуни, политичари и криминалци на кои не им е во интерес Србија да нпредува и што било да се менува“.

Српскиот премиер потенцира дека неговата Влада од Србија направила „столб и симбол на стабилноста“ и затоа сега решила да оди на избори за да дознае дали граѓаните го сакаат и го поддржуваат она што таа го прави за земјата.

Според српските медиуми, предвремени парламентарни избори најверојатно ќе се одржаат заедно со локалните, кои се предвидени за почетокот на мај.