Префрлал пари без одлука на надлежен орган

0
806

ПС Прилеп поднесе кривична пријава против З.П. (55) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Пријавениот, како претседател на Здружението за заштита, одгледување и ловење дивеч „Мукос“ Прилеп, на сметката на Ловечко друштво „Сокол“ Битола префрлил парични средства без одлука на надлежен орган на ловното друштво. На 15.06.2015 година префрлил 214.500 денари , а потоа на 06.08.2015 година уште 96.000 денари за набавка на фазански дивеч. Согласно  прописите, за да се изврши набавка, во конкретниот случај за фазански дивеч за потребите на ловното друштво, потребно е да се донесе одлука од надлежен орган на друштвото за спроведување на постапка за да се дојде до најповолната понуда за споменатата набавка. Откако пријавениот извршил уплата на паричните средства,  на  24.07.2015 година присуствувал на редовна седница  и  побарал да се прибават минимум три понуди за набавка на фазани и ја задолжил комисијата за набавка на ловното друштво „Мукос“ да направи избор од понудите кои ќе пристигнат. Пријавениот заедно со лица од ЛД „Сокол“ од Битола, за да го прикријат чинот на незаконска набавка, направиле фиктивни испратници и фактури за купопродажба на 1150 фазани по цена од 270 ден за еден фазан во вкупен износ од 310.500 денари. Изготвена била и понуда од страна на „Сокол“ Битола со датум 30.07.2015 година, а во договор со одговорното лице на ветеринарна клиника од Битола на 07.08.2015 година, бил издаден сертификат од ветеринарната клиника за здравствената состојба на 1150 фазани, соопшти МВР.