Преговорите со ЕУ би можеле да донесат и нов устав за БиХ

0
174

Генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Горан Свилановиќ, верува дека оваа година би можела да биде одбележна како година на Босна и Херцеговина и нејзиниот исчекор во однос на евроинтеграциите.

„Стапи на сила Договорот за стаблизација и асоцијација, како резултат на обврските кои ги преземаа босанските политичари. Очекувам тие обврски да бидат исполнети и би сакал да ги охрабрам оние кои за тоа одлучуваат како цел да ја постават подготвеноста БиХ до крајот на 2016 година да побара статус на држава кандидат. Тоа нема да биде лесно но не прифаќам лесно отфрлање на таа идеја“, рекол Свилановиќ, пренесува Танјуг.

Свилановиќ оценил дека преговарачкиот процес треба да почне со конкретните животни теми, да биде фокусиран на економските и развојните проблеми на Босна и Херцеговина, а исто така функционалноста на БиХ мора да биде ставена во центарот на вниманието.

Како што најавил, сега е на дело нова политика, и преговарачкиот процес со ЕУ неминовно ќе донесе и нов устав на БиХ, но дека тоа нема да биде тема оваа и следната година.

Свилановиќ, исто така, ги потврдил процените на Советот дека целиот регион стагнира и додал дека најголемиот предизвик е токму загрижувачкиот тренд на стагнација на бруто националниот приход и на недостигот од работни места. Говорејќи за безбедносната состојба во регионот, Свилановиќ истакнал дека не се согласува со некои процени дека на Балканот дошло до „пореметување на безбедносната состојба“.

Свилановиќ се осврнал и на неодамнешниот инцидент во Куманово, потсетувајќи дека Македонија е земја која веќе со години е кандидат за членство во Европската унија, а сé уште не добила датум за преговори, што е очигледен знак за бројните проблеми.