Преговорите за иднината на Македонија се селат во Виена

0
372

Од канцеларијата на комесарот за проширување Јоханес Хан ниту ја потврдуваат, ниту ја демантираат информацијата дека е закажан состанок во Виена со македонските политички лидери.

Телевизијата Алсат-М јави дека поканата формално ја упатиле тројцата европратеници кои беа вклучени во договорот од Пржино, Иво Вајгл, Едуард Кукан и Ричард Ховит. Во Виена, наводно е предвидено и присуството на еврокомесарот Јоханес Хан и амбасадорите на ЕУ и на САД во Македонија, Аиво Орав и Џес Бејли.

„Не можеме да го потврдиме овој состанок, но комесарот Хан е во постојан контакт со политичките лидери во земјата, со пратениците, со мисијата на ЕУ, како и со клучните партнери како САД, со кои разговара за начините за надминување на кризата, и да осигура дека лидерите ќе продолжат да го имплементираат договорот од Пржино и реформските приоритети“, вели портпаролката на еврокомесарот, Маја Коцијанчич за ДВ.

„Дали и каде конкретно би можел да се одржи состанокот се уште не е одлучено. Комесарот Хан сака набрзо да се сретне со лидерите. Тие мораат да покажат желба да ја вратат земјата назад на евро-атлантскиот пат“, вели Коцијанчич.