Прелетувањето на американските бомбардери над спорните острови е сериозна провокација

0
314

Прелетувањето на двата американски бомбардери Б-52 во близина на Јужното Кинеско Море минатата недела претставува „сериозна воена провокација“, соопшти денес официјален Пекинг.

„Утрото на 10 декември, два американски бомбардери Б-52 влегоа во воздушниот простор на кинеските острови Нанша и околната област без одобрување“, соопшти кинеското министерство за одбрана употребувајќи го кинескиот назив за островите Спратли.

„Ваквото однесување е сериозна воена провокација која ја комплицира општата ситуација во Јужното Кинеско Море, придонесувајќи на милитаризација на регионот“, се додава во соопштението на кинеското министерство објавено на официјалниот веб сајт.

За време на мисијата на двата американски бомбардери минатата недела, едниот од авионите ненамерно прелетал на две наутички миљи над вештачки изградениот кинески остров, пишува Вол стрит џурнал, повикувајќи се на функционери на Пекинг.

Неименувани американски државни функционери во петокот изјавија дека причина за надлетувањето можеби биле лошите временски услови, пренесува Франс прес.

„САД постојано испраќаат воени бродови и авиони за да демонстрираат сила и да создадат тензии во водите и воздушниот простор на ЈУжното Кинеско Море“, се вели во соопштението на кинеското министерство.

САД се бунат против одлуката на Кина да гради вештачки острови во спорното море и во изминатите месеци, освен бомбардерите, во близина на овие острови мина и еден од американските разурнувачи.

Виетнам, Малезија, Филипините и Брунеи сметаат дека имаат право на делови од ова стратешки важно море, но Пекинг тврди дека територијата целосно ѝ припажа на Кина, што предизвикува загриженост во регионот и пошироко.