Премиера на Бар Ремарк на Охридско лето

0
666

Народниот театар од Битола во рамките на фестивалот „Охридско лето“, премиерно ја изведе својата најнова претстава „Бар-Ремарк“, поставка на рускиот режисер Александар Баргман, работена според делото „Тројцата воени другари“ на Ерих Марија Ремарк.
Баргман, кој има свој театар, кој активно работи десеттина години, соработува и членувал во најпознатите театарски куќи во Русија.

Околу неговиот избор да го работи Ремарк, истакна дека најмногу е виновна денешницата, односно војните и кризите кои се чини како никогаш да не завршуваат.
Актерот, Огнен Дранговски кој го игра главниот лик, игра во комплицирана претстава која обработува исто толку комплицирана тема. Ова е втора негова соработка со режисерот Баргман, после Иванов поставена пред неколку години во Битолскиот театар.

Покрај Дранговски во претставата играат-

Катерина Аневска, Никола Пројчевски, Александар Копања, Борче Ѓаковски, Маја Андоновска Илиевски, Александар Стефановски, Јулијана Стефанова, Кристина Христова Николова, Елена Моше, Илина Чоревска, Борис Чоревски, Петар Мирчевски, Мартин Мирчевски, Филип Мирчевски.

Директорот на Битолскиот театар Валентин Светозарев, кој е и сценограф на претставата, истакна дека оваа театарска куќата продолжува да остварува конекција со многу познати режисерски имиња ширум светот.

Селекторот на драмската програма на Охридско лето, Ѓорги Јолевски, го истакна задоволството за соработката со Битолскит театар.

Кога се читаат делата на Ремарк се стекнува впечаток дека секое му е автобиографско. Со оглед на неговата голема вештина да опишува различни ситуации и стил на пишување разбирлив за секого, отворајќи различни прашања и покажувајќи извонредна писателска моќ, овој книжевен великан и миленик на читателите до најситен детал ја опишува секоја ситуација.

Самата претстава „Бар-Ремарк“ претставува драматуршка обработка на „Тројцата воени другари“, исклучително интересен театарски производ, најавуван како големо уметничко дело со, како што беше речено, швајцарски усогласени театарски сегменти.

Костимографијата е на Благој Мицевски, музиката на Марјан Неќак, шминка Сашо Мартиновски, а како дел од претставата е и професорката по пијано Јана Четелева Белевска.
Режисерот Баргман кој во Охрид има настапувано како актер во повеќе претстави на гостувања со руски театари, но и како режисер на претставата „Паника“, исто така изведувана на „Охридско лето“, за ова негово последно остварување рече дека е плод на исклучителна соработка со Народниот театар од Битола.