Преполовен род, без пласман и цена почна жетвата во Пелагонија

0
1170

Со преполовени приноси и со недефинирана цена на лебното зрно почна жетвата во Пелагонија. Земјоделците и годинава се соочуваат со проблеми. Поради мразот, барем од досега ожнеаното се соочиле со преполовен принос во однос на ланската жетва.Тука е и проблемот со висината на лебното зрно. Ланскиот принос го предале по цена од 8 денари, годинава, барем како што рече градоначалникот на Новаци Лазар Котевски, ќе барале цена не пониска од 12 денари, за да не работеле со загуба .

-Завршена е жетвата на јачменот, се почна со жнеење на пченицата.Според информациите кои ги имаме од земјоделците приходот е многу слаб. Друга нивна болна точка е тоа што нема пласман и цената сеуште не е дефинирана. Барањето на земјоделците е цената да не биде пониска од 12 денари. Поради слабите приноси треба да му се даде некаква надохнада на земјоделците. Немаат договори склучено ни со мелничарската индустрија. Се чека да се преземат некои мерки за да можат земјоделците да го пласираат тоа што го произведиле. Сега засега собереното жито земјоделците го чуваат дома, чекаат да им се каже каде да го носат, изјави Лазар Котевски, градоначалник на општина Новаци.

Неизвесно е кога и дали ќе има средба помеѓу претставници на земјоделците, мелничарите и министерството за земјоделие, за да се дефинира цената на лебното зрано.Вчера министерот за земјоделство рече дека се разгледуваат сите мерки за непречен откуп на пченицата, но дека сеуште е рано да се дефинира производствената односно пазарната цена на лебното зрно.

„Министерството ќе ја соопшти и трошковната цена за производството на пченицата, но и пазарната цена и соодветно на тоа ќе предложиме на Владата предлог- мерки“, рече министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.

Претходно Федерацијата на фармери достави барање до Министерството, интервентниот откуп да се одвива паралелно со жетвата . Фармерите сметаат дека минимланата цена на кг откупена пченица треба да биде 12 денари.

Без коментари