Преспа е совршен пример на „тројна победа“ за одржливиот развој

0
412
Во Кинотека “Македонија” синоќа се одржа светската премиера на документарниот филм „Езеро од јаболка“ во Скопје, во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска.
Филмот зборува за резултатите од долгогодишните напори на Програмата за развој на Обединетите нации и Општината Ресен за намалување на загадувањето на Преспанското Езеро, кои се финансиски поддржани од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка.
„После петнаесет години работа и петнаесет милиони долари инвестиција среќни сме што виталните функции на Преспанското Езеро се обновуваат, благодарение на промената на начинот на кој земјоделците ги одгледуваат своите култури, намалувањето на внесот на загадувачки материи од различни извори и подобрувањето на управувањето со ресурсите“, изјави Генералниот потсекретар на Обединетите нации и Администратор на Програмата за развој на
Обединетите нации (УНДП), Хелен Кларк во нејзиниот воведен говор.
Последните истражувања покажуваат дека најголемиот дел на земјоделците во Преспа имаат усвоено модерни производни практики, како што се фертиригацијата, методи за контрола на употребата на пестициди и подобрување на карактеристиките на почвата со примена на органски ѓубрива. Како резултат на тоа значително е намалена употребата на пестициди, вештачки ѓубрива и вода за наводнување.
Изградени се нови канализациони системи и пречистителни станици, со што огромни количини на отпадни води што претходно завршуваа во езерото сега добиваат соодветен третман. Илјадници тони на отпадно јаболко и други типови на органски отпад, кои, во отсуство на други алтернативи, исто така завршуваа во водните тела, сега се трансформираат во висококвалитетен компост – со помош на постројката за компостирање.
Ова намалување на внесот на загадувачки материи во езерото, овозможи да се спречи деценискиот тренд на нарушување на неговата еколошка состојба и да отпочне процесот на негово обновување, што се потврдува со редовните контроли на квалитетот на водите.