Претседателот Иванов во работна посета на Србија

0
188

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов од утре  до 30 октомври 2016 година, ќе престојува во работна посета на Република Србија, по повод одбележувањето на јубилејот „70 години од доселувањето на Македонците во Војводина“.

Во рамки на централната прослава по повод одбележувањето на големиот јубилеј „70 години од доселувањето на Македонците во Војводина“, во Панчево, ќе биде одржана Свечена академија,  на која обраќања ќе имаат претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и претседателот на Република Србија, г. Томислав Николиќ. На јубилејната прослава ќе биде засадено „Дрво на пријателството“ и ќе биде потпишан протокол за збратимување на општина Македонски Брод и месната заедница Јабука. Во рамки на прославата ќе биде посетена изложбата на уметнички дела на академскиот сликар Павле Кузмановски и ќе биде приредена богата културно-уметничка програма.

Во Белград, претседателот Иванов ќе оствари средби со претседателот на Република Србија, г. Томислав Николиќ и со претседателот на Владата на Република Србија, г. Александар Вучиќ. На средбите ќе биде разговарано за можностите за продлабочување на билатералната и регионалната соработка, како и за актуелните случувања во двете земји и предизвиците со кои се соочува регионот.

Во рамки на работната посета ќе биде одржан македонско-српски бизнис форум на кој ќе учествуваат дваесетина компании од Република Македонија, од фармацевтската, прехранбената, металната, градежната индустрија, како и од областа на информатичките технологии, графичките дејности и транспортните услуги. На отворањето на бизнис форумот, кој ќе се одржи во Белград, ќе се обратат претседателот Иванов и претседателот Николиќ, како и претседателите на Стопанските комори на Република Македонија и на Република Србија.