Превентивно затворен сточниот пазар во Битола

0
810

Заради поголема безбедност и заштита од појавата на болеста на говедата „чвореста кожа” веќе една недела превентивно е затворен сточниот пазар во Битола.Кога ќе биде повторно пуштен од ЈП Пазари во Битола немаа одговор.

Спуштена рампа на која пишува затворено од Агенцијата за храна и ветеринарство и празен објект без стока, ваква беше сликата денеска на сточниот пазар во Битола. Од локалното јавно претпријатие „Пазари” кое стопанисува со овој пазар објаснуваат дека ваквиот потег следи по одлуката на Агенцијата за храна и ветеринарство со цел преземање на превентивни мерки во однос на заштита од оваа болест кај говедата.

-Согласно решението од Агенцијата за храна и ветеринарство односно од директорот Зоран Поповски, дадено е решение да се затвори сточниот пазар т.е. добиточниот пазар во Битола кој што го организира ЈП Пазари од Битола, од причина што се појави болеста „чвореста кожa“ кај говедата и ова затварање на сточниот пазар се однесува се со цел да не се шири самата болест. Инаку не е затворен само сточниот пазар во Битола кој што го организира ЈП Пазари од Битола, туку има затворање на сточните пазари низ цела Република Македонија. Значи сите пазари се затворени на неодредено време се додека не добиеме нови инструкции т.е. нови наредби од Агенцијата за храна и ветеринарство на РМ .Решението од АХВ за превентивно затворање на сточниот пазар во Битола го извршуваме во целост, изјави Сашо Стаматов директорот на ЈП „Пазари” – Битола

Сточниот пазар во Битола, лоциран во индустрискиот дел од градот, вообичаено функционира само еден ден во седмицата, односно само во вторник. Услугите на овој пазар ги користат голем број фармери од Пелагонија и пошироко.

Ваквите заштитни мерки од времен карактер имаат за цел да се спречи влез и ширење на болести и штетници кои може да предизвикаат големи економски штети во сточарството, намалена продуктивност на животните и дополнителни трошоци за нивно сузбивање и искоренување. Сите 9 сточни пазари на ниво на Р.Македонија се затворени