Приемот на Македонија во НАТО може да биде побрз

0
437

Првиот приоритет треба да биде подобрување на животот на сите граѓани во државата, но приоритети на новата влада треба да бидат владеењето на правото, отчетноста, инклузивноста, и генерално спроведувањето на реформите кои ќе ѝ овозможат на Македонија да влезе во ЕУ и НАТО, вели холандскиот амбасадор Ваутер Пломп во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

Има многу поголемо чувство на итност кога станува збор за интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ. Со изборот на новата влада, мислам дека се отвораат нови можности. Сепак, Македонија и Грција се тие што треба да најдат решение за спорот за името, а меѓународната заедница има интерес да помогне“, изјави Пломп.

За интеграција во НАТО, според него, владеењето на правото ќе биде многу значајно, и ќе биде потребен некаков договор за прашањето за името или негово решение. Разликата меѓу приемот во НАТО и во ЕУ е тоа што, како што вели, за НАТО голем дел од обврските се завршени. Македонија долго време беше во чекалната на НАТО, ако може така да ја наречеме, но тоа време не беше залудно потрошено.

„Многу од тие реформи беа завршени и кога станува збор за овие две институции, мислам дека приемот во НАТО може да биде побрз и тоа е едно значајно охрабрување. Кога станува збор за ЕУ, секако има цела област на различни поглавја за прием, сите знаат дека тоа е многу работа, но сепак добра вест е што ЕУ и земјите членки се подготвени да помогнат“, изјави Пломп.

На прашањето за мандатот на СЈО, тој додава дека имајќи превид дека институцијата очигледно е зафатена со својата работа и сè уште не ја завршила, треба да ѝ се дозволи да ја исполни важната улога која ѝ беше доделена.

„Кога јас првпат слушнав за прислушуваните разговори и нивната содржина, бев шокиран и си помислив дека ако такво нешто се случеше во Холандија, граѓаните со сигурност ќе бараа целосно разјаснување за работите и целосна одговорност за тие кои учествувале во нив, независно од тоа од која партија или од која страна доаѓаат“, изјави холандскиот амбасадор и додава дека неговата земја секогаш го поддржувала СЈО токму поради тоа што тоа е витална институција на договорот од Пржино и таа е од клучно значење за успехот на тој договор за надминување на политичката криза.