Приказната за Офицерскиот Дом, сеќавањата од битолските хроничари и мајсторот на украсниот и луксузен лустер

0
2292

Изградбата на објектот почнала во 1911 година, по барање на тогашниот управник на Битолскиот вилает, Абдул Керим-паша. Една година подоцна импозантната зграда била покриена. Но, поради војната на овие простори Офицерски бил завршен дури по Првата светска војна. Зградата е поставена во правец Запад – Исток, со димензии од 37,2 метра со 17,9 метри. Висината на венецот е 13,9 метри, а до самиот покрив 17,3 метри.
Тоа е масивен систем со меѓукатни конструкции од бруски сводови. Нивото на сутеренот е со гранитни квадари, а потоа градбата продолжува со тула.
„Градбата на Офицерскиот дом ја следеше архитектурата на своето време како преплет на модерната европска и исламска архитектура. Според некои усни кажувања, зградата била дело на двајцa архитекти од Виена, Австрија и Италија. На неа работеле мајстори од селото Смилево. Се споменува дека со градбата раководел познатиот украински архитект Валери Гусин, најверојатно, белогардеец пребеган на наши простори“,

Офицерскиот дом е дел од таа споменична целина што ги опфаќа и градската чешма и споменикот на Стив Наумов. Значи споменик на културата од прва категорија.

 600665_539517816068240_1389100597_n
Историјата на Офицерскиот дом започнува во 1911 година кога го гради управникот на битолскиот вилает, Абдул Керим-паша. Претставува синтеза на палата и тврдина
зашто планирал да му служи за свечени приеми, одмор, забава и одбрана. За време на конзулите тука се одржувале балови. Градбата носи печат на оригиналност и неповторливост. Тоа чувство го даваат еркерните балкони, нивното совпаѓање со покривната стреа, надвишувањето на четирите кули, разно моделирани прозорци, пространи тараси, обиколеноста со простран парк итн. Ова било свртилиште на турската, српската, бугарската, југословенската, па и македонската војска. Тука некогаш вратата се отворала само за генерали и офицери. Тука е сочувана единствената сала за балови во градот, како и луксузниот лустер од скопскиот Офицерски дом, кој беше урнат во земјотресот 1963 година.
Тука престојувале Тито, Демирел, Kарпов…и многу други познати личности.

Една од приказните ја раскажуваше и познатиот битолски новинар Димитар Димитровски-Такец.

„На 12 години за прв пат влегов во Офицерскиот дом.Настапував на концерт. Од возбуда малку се сеќавам на првата средба со објектот. Но, затоа во текот на мојот живот многу истражував. Домот го градеа Турците, а го завршија Србите, повеќе од дваесет години. Таму за прв пат во 1933 година беше организиран ‘Син бал‘ каде што задолжително жените беа облечени во сино, па дури мораа да носат и сини чевли изработени од сино кадифе. Се славеше Стара нова година“, се враќа во минатото Такец.


Хроничарот на Битола, Александар Стерјовски, во неговата книга „Каријатиди на театарот“ запишал дека двете акустични сали, долната и горната на велелепниот Офицерски дом во Битола станале место за разонода,но и за концертни и театарски претстави. Горната сала броела 300 места и била една од најголемите во градот се’ до обновувањето на театарот.
Ова се само дел од вистините и приказните за Офицерскиот дом. Битолчани со право велат дека кога ѕидовите би зборувале, тогаш за Офицерски би се напишале најубавите, но и најсрамните приказни за конзулскиот и современиот град.

404947_539520429401312_346625250_n

Седумдесет и две годишниот Будимир Костојчиновски,поранешен електроинсталатер во АРМ е битолчанецот,кој со своите две вредни раце пред цели 37 години го направи украсниот и луксузен лустер во Офицерскиот дом. Трогнат од она што се случува со еден од најубавите споменици на културата на Балканот,Костојчиновски, кого битолчани го именуваат само како Будо, ја раскажува приказната за лустерот.
„Домот беше фантазија. Нема друг збор за таа убавина. Се сеќавам како да беше сега, пролет, мај. Со војнички сандаци од скопскиот отпад во Битола стасаа еден куп монистра, кристали, фигури од стакленца. Тогашниот началник на домот на АРМ, Ристо Дамјановски, ме повика, кажа дека има делови од двата лустера од урнатиот Офицерски дом во Скопје и побара да направам нешто. Зададената задача не беше лесна. Зедов напомош неколку војничиња од гарнизонот и повеќе од еден месец, секое попладне, откако ќе завршев со работните обврски, работев на лустерот. Направивме нешто прекрасно. Никого не оставивме рамнодушен иако лустерот не беше сосема ист како оној во Скопје“, раскажува мајстор Будо.
Секој кристал, стакленце и монистра Будо грижливо ги запишувал во тетратка. За еден ден да се знае колку е неговата тежина, колку делови се споиле, колку светилки засветиле. За жал, и од тоа останало само разочарување. „Сите белешки што грижливо ги нотирав исчезнаа исто
како и неискористените делови од двата скопски лустера. Направив и свеќници од истите кристали и стакленца за да ги красат салите и ходниците во домот.
Ама и нив ги снема. Од раскошот и од убавината останаа само спомените. Од сето тоа се сеќавам дека само лустерот тежеше некаде околу 700 килограми“, се потсетува Будо.
извори:Вечер,Утрински,Википедија,Нова Македонија

Текстот е објавен на Bitola Art & Architecture/facebook

Фотографии објавени на Битола стари фотографии/facebook

Без коментари

LEAVE A REPLY