Приказните за Офицерски

0
2112

Изградбата на објектот почнала во 1911 година, по барање на тогашниот управник на Битолскиот вилает, Абдул Керим-паша. Една година подоцна импозантната зграда била покриена. Но, поради војната на овие простори Офицерски бил завршен дури по Првата светска војна. Зградата е поставена во правец Запад – Исток, со димензии од 37,2 метра со 17,9 метри. Висината на венецот е 13,9 метри, а до самиот покрив 17,3 метри.
Тоа е масивен систем со меѓукатни конструкции од бруски сводови. Нивото на сутеренот е со гранитни квадари, а потоа градбата продолжува со тула.
„Градбата на Офицерскиот дом ја следеше архитектурата на своето време како преплет на модерната европска и исламска архитектура. Според некои усни кажувања, зградата била дело на двајцa архитекти од Виена, Австрија и Италија. На неа работеле мајстори од селото Смилево. Се споменува дека со градбата раководел познатиот украински архитект Валери Гусин.

Офицерскиот дом е дел од таа споменична целина што ги опфаќа и градската чешма и споменикот на Стив Наумов. Значи споменик на културата од прва категорија.

 

Градбата носи печат на оригиналност и неповторливост. Тоа чувство го даваат еркерните балкони, нивното совпаѓање со покривната стреа, надвишувањето на четирите кули, разно моделирани прозорци, пространи тараси, обиколеноста со простран парк итн. Ова било свртилиште на турската, српската, бугарската, југословенската, па и македонската војска. Тука некогаш вратата се отворала само за генерали и офицери. Тука е сочувана единствената сала за балови во градот, како и луксузниот лустер од скопскиот Офицерски дом, кој беше урнат во земјотресот 1963 година.
Тука престојувале Тито, Демирел, Kарпов…и многу други познати личности.

Една од приказните ја раскажуваше и познатиот битолски новинар Димитар Димитровски-Такец.

„На 12 години за прв пат влегов во Офицерскиот дом.Настапував на концерт. Од возбуда малку се сеќавам на првата средба со објектот. Но, затоа во текот на мојот живот многу истражував. Домот го градеа Турците, а го завршија Србите, повеќе од дваесет години. Таму за прв пат во 1933 година беше организиран ‘Син бал‘ каде што задолжително жените беа облечени во сино, па дури мораа да носат и сини чевли изработени од сино кадифе. Се славеше Стара нова година“, се враќа во минатото Такец.

+
Хроничарот на Битола, Александар Стерјовски, во неговата книга „Каријатиди на театарот“ запишал дека двете акустични сали, долната и горната на велелепниот Офицерски дом во Битола станале место за разонода,но и за концертни и театарски претстави. Горната сала броела 300 места и била една од најголемите во градот се’ до обновувањето на театарот.
Ова се само дел од вистините и приказните за Офицерскиот дом. Битолчани со право велат дека кога ѕидовите би зборувале, тогаш за Офицерски би се напишале најубавите, но и најсрамните приказни за конзулскиот и современиот град.

Седумдесет и две годишниот Будимир Костојчиновски,поранешен електроинсталатер во АРМ е битолчанецот,кој со своите две вредни раце пред цели 37 години го направи украсниот и луксузен лустер во Офицерскиот дом. Трогнат од она што се случува со еден од најубавите споменици на културата на Балканот,Костојчиновски, кого битолчани го именуваат само како Будо, ја раскажува приказната за лустерот.

12669443_1502209376755136_6845951672691973875_n

Секој кристал, стакленце и монистра Будо грижливо ги запишувал во тетратка. За еден ден да се знае колку е неговата тежина, колку делови се споиле, колку светилки засветиле. За жал, и од тоа останало само разочарување. „Сите белешки што грижливо ги нотирав исчезнаа исто
како и неискористените делови од двата скопски лустера. Направив и свеќници од истите кристали и стакленца за да ги красат салите и ходниците во домот.
Ама и нив ги снема. Од раскошот и од убавината останаа само спомените. Од сето тоа се сеќавам дека само лустерот тежеше некаде околу 700 килограми“, се потсетува Будо.