Пристапност кон културно наследство за лицата со телесен инвалидитет

0
802

Само една скала пред одредена институција може да го промени животот на лицата со телесен инвалидитет, беше речено од страна на претседателот на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет Мобилност на Дефилето по Широк Сокак кое што се одржа по 11 ти пат. Македонија е потписник на Меѓународната конвенција со која заедницата треба да овозможи пристапност до институциите и секакви други објекти што претставуваат интерес и потреба за лицата со телесен инвалидитет.

– Една скала може да го спречи лицето со телесен инвалидитет да се едуцира, да биде конкурентен на пазарот на трудот, да не може да обезбеди егзистенција, и затоа никогаш не треба да се поставува прашањето колку тоа чини во пари, туку колку чини спречувањето еден човек да има потполна инклузија во сите пори на општеството во кое живее. Пристапноста не значи само да влезете во објект, туку и да се движите низ него. За жал ние не сме во можност да го посетуваме културното богатство и наследство, но веруваме дека со овој проект ќе има значителни подобрувања, изјави Бранимир Јовановски, претседател на Националниот сојуз на лица со телесен ивалидитет „Мобилност“

За подобрување на условите за пристапност во битолскиот Музеј и изложбениот салон „Магаза“, претседателот на „Мобилност-Битола“ Нико Јанков и Зоран Алтипармаковски, директор на НУ Завод и Музеј потпишаа меморандум за соработка базиран на препораките на Балканската мрежа на Музеи чиј претставник од Република Македонија е Ирена Ружин, програмски директор во битолскиот Музеј.

– Нашата институција ќе се насочи на социјалниот модел кој ги третира проблемите одвнатре и ние ќе се обидеме да ги пронајдеме и решиме пречките во нашата институција кои предизвикуваат лицата со телесен инвалидитет да се чувствуваат непријатно. Ние ќе обезбедиме пристап во изложбениот салон „Магаза“ и во Музејот кој е заштитен како посебен споменик на културата но токму со набавката на посебна опрема ќе се совладува пристапот кон објектите, посочи Ружин.

Од „Мобилност“ сметаат дека и покрај поддршката од законодавната и извршната власт, мора да се надминат предрасудите кон оваа категорија граѓани, кои можат да бидат активни чинители во општеството.Во Дефилето се приклучија и претставници од Советот на општина Битола како и претставници на граѓански организации од градот.

– Пристапноста не се само архитектински бариери, туку и една голема сума на проблеми, субјективни, објективни, во нас, во околината итн, изјави д-р Нико Јанков, претседател на „Мобилност“- Битола.

Во „Мобилност“ членуваат 8. 200 лица со телесна попреченост, а според стандардите на СЗО, во Македонија има помеѓу 200 и 300 илјади лица со некаков инвалидитет.