Приведени четворица припадници на Левица, беа против презентацијата на воената опрема на САД

0
646

Полицијата насилно приведе четворица членови на партијата Левица што излегоа на плоштадот во Скопје каде што се одржуваше презентација на воената опрема на САД и на АРМ. Тие носеа транспарент на кој пишуваше: „Против војната за профити!“. Четворицата биле легитимирани и пуштени.

Според Гоце Маркоски, еден од приведените, откако полицијата ги опоменала да се тргнат подалеку со транспарентот и да протестираат, тие тоа го сториле и се качиле на вториот кат од Градскиот трговски центар.

„Полицијата дојде и таму, нѐ приведе, на двајца од нас ни стави лисици и сосема ни забрани какво било искажување протест против милитаризацијата“, ни изјави Маркоски.

Денеска партијата Левица одржа конференција за медиумите и соопшти дека се против членството на Македонија во НАТО.

„Ние сме против милитаризација на општеството, против милитаризмот што го шири САД со оваа демонтрација на моќ во Македонија. Со ова воено дефиле ние испративме директна покана до терористите, а како држава не сме способни да се справиме со едно поголемо невреме. Ние сакаме парите да се трошат на добро образование и на добро здравство“, соопштија денеска членовите на Левица и најавија и официјална реакција за овој инцидент.

Во рамките на воената вежба „Драгон Гардијан 2017“ вечерва во Скопје, кај порта „Македонија“, организирана е презентација на опремата на АРМ и на Армијата на САД во Европа. Покрај презентацијата на опремата, граѓаните имаат можност да проследат кратка обука за самоодбрана, а воедно ќе биде одржан и натпревар за најмладите.

mkd.mk

Без коментари