Приведени главниот помошник на Ѓулен и вкупно над 13.000 луѓе

0
646

Клучниот помошник на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвинува за минатонеделниот неуспешен обид за воен преврат во Турција и бара негово екстрадирање од САД каде што живее во егзил од 1999 година, е уапсен во Турција, пренесува Reuters во саботата вечерта повикувајќи се на извор во претседателската администрација.
Според кажувањето на соговорникот на агенцијата, станува збор за Халис Ханџи, кој бил „десната рака“ на Фетулах Ѓулен, обвинет за организација на обидот за воен преврат од ноќта на 15-ти јули и претходно за воспоставување на „паралелни структури“ во турската држава. Тој, наводно, пристигнал во Турција два дена пред обидот за државен удар.

Други поединости за апсењето на Ханџи изворот на Reuters не изнесол.

Претходно во саботата беше објавено дека во градот Ерзурум, во источниот дел од Турција, е уапсен внукот на Ѓулен, Мохамед Саид.

Истовремено, турскиот премиер Бинали Јилдирим изјави дека повеќе од 13.000 луѓе се приведени во истрагите за неуспешниот пуч, коригирајќи ја досегашната бројка од 10.600 уапсени.

„До денеска се уапсени 13.002 лица. Во Истанбул се приведени 3.879 луѓе, во Анкара 2.743, во Измир – 197, а во другите покраини 6.192 луѓе. Од уапсените 1.329 се полицајци, 8.831 се војници, од кои 163 генерали и адмирали, 2.329 се офицери, 2.100 судии и обвинители, 53 началници во администрацијата. Приведени се уште 5.837 други лица. Приведувањата ќе продолжат“, изјави турскиот премиер во интервјуто за телевизијата А Haber./крај/мф/сн