Пробиен уште еден рок, преговарачите не успеаја да се договарат за министрите

0
318

Обврска на четирите партии потписнички на договорот од Пржино беше до полноќ (20 октомври) да именуваат министри во МВР и труд и социјала предложени од СДСМ, нивни заменици од ВМРО-ДПМНЕ и заменици од СДСМ во министерствата за финансии, земјоделство и информатичко општество. Тоа не се случи. Денес е нов ден, следуваат нови предизвици и за тимот на Катица Јанева, законите за мораториум на „бомбите“, за „свиркачите“…

Според информациите што стигнаа од преговарачките тимови, имињата на потенцијалните министри и замениците од преодната влада не се проблем колку што е проблематично да се договорат нивните ингеренции. СДСМ бара министерот во преодниот период да има целосни надлежности, а заменикот да добие право на вето единствено за активности поврзани со изборите. За ВМРО-ДПМНЕ, пак, договорот е испочитуван ако се избере само министер со неколку соработници, со ограничени овластувања и не смее да менува началници и други раководители.

Ако се погледне Договорот од 15 јули, таму стои:

„Овие заменици-министри ќе имаат полно право на преглед и вето во нивните министерства во сите правни, финансиски и кадровски прашања поврзани со организацијата на изборите. Сите нови министри и заменици-министри ќе останат на своите позиции во новата влада“.

Проблемот е што во документот што го потпишаа партиите (барем официјално) не е наведено какви точно ингеренции би имале министрите, а да не е поврзано со подготвителниот период за изборите закажани за 24 април. Па, сите преговарачи имаат простор за своја интерпретација, барања и надлежности на ресорите. Оттука, владејачката партија инсистира на вето над новиот министер во МВР, а опозицијата смета дека со вето ќе се оневозможи министерот во својата работа за најавената истрага од специјалната обвинителка за материјалите кои произлегуваат од прислушуваните разговори. И така во круг, а роковите си течат…

Дополнително, преговорите ги отежнува и законот за мораториум на „бомбите“, кој беше предложен од ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ и кој наиде на лавина реакции во јавноста и низ новинарската фела, па беше повлечен од Собрание да се допрецизира на работните групи. Овој предлог-закон заедно со преполовувањето на тимот на Јанева го стави во сенка и Изборниот законик, а ниту присуството на Јоханес Хан не помогна тој да добие конечна рамка, прифатлива за сите.

Во однос на забраната за „бомбите“, од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека треба да се најде баланс меѓу јавниот интерес, во смисла на заштита на слободата на изразување и она што е напишано во договорот. Истовремено, СДСМ тука не се согласува да следуваат високи казни за медиумите што ќе објавуваат прислушувани материјали. Тоа го карактеризираат како цензура и сметаат е спротивно на европските вредности.

Олеснувачот Питер Ванхојт пред синоќешните разговори истакна дека не е во прашање договорот, туку треба да се направи закон кој ќе ги запази и меѓународните и европски стандарди. Истовремено, белгискиот експерт ги повика политичките партии да ги затворат отворените прашања и што побрзо да ја достават изборната регулатива до парламентот на гласање. Неофицијално, по неуспешните разговори за денеска се очекува негова нова изјава – детали, дипломатски насоки, дали и како би продолжиле преговорите. На сцена со поактивна улога е можно да настапат и амбасадорите на САД Џес Бејли и ЕУ Аиво Орав.

Останува отворено прашањето за понатамошните активности на опозицијата, бидејќи вчера најавија дека сите опции се отворени, а договорот ќе го сметаат за пропаднат ако не биде испочитуван рокот за преодната влада. Се очекува и било каков официјален став и од владејачката партија.

www.mkd.mk

Без коментари

LEAVE A REPLY