Продолжува амандманската расправа за предлог буџетот за 2016-та година

0
1005

После четири дена од завршувањето на општиот претрес , денеска на дневен ред на Собраниската Комисија за финансирање и буџет ќе стартува амандманската расправа за Предлог буџетот за 2016 година.

Вкупната бројка на поднесени амандмани е 418, додека од нив 235 се од здружената опозиција.

175 се поднесени од ДПД, три од ДУИ, додека еден има поднесно пратеничката Роза Топузова Кареска и еден од повеќе пратеници.

Како изгледа проекцијата на предлог Буџетот за 2016 год.?

2.875.000.000 евра е проекцијата на новиот Буџет на Владата за 2016 година со кој предвидуваат зголемување на пензиите и социјалната помош и зголемување на парите наменети за капитални инвестиции чија расправа денес започна во Собраниската комисија.

Проекциите се намалување на буџетскиот дефицит од 3,6 отсто оваа година на 3,2 проценти за следната година и второ, зголемување на средствата за капитални инвестиции, односно покачување на пензии и социјална помош за 5 отсто и значително зголемување на капиталните инвестиции со цел да се поттикне развојната компонента на Буџетот.

Даночните приходи во Буџетот за 2016 година се планирани со раст од 6,5 отсто или да достигнат 101.531.000.000 денари, неданочните и капиталните приходи се предвидува дека ќе остварат 9.633.000.000 вкупен износ. Придонесите е планирано да се зголемат за 4,2 проценти и да достигнат ниво од 49.187.000.000 денари. На сопствените сметки буџетските корисници ќе остварат 15.553.000.000 денари.

На расходната страна се две значајни политики а тоа е зголемување на  пензиите за 5 отсто, коешто ќе се реализира од септемвриската пензија што ќе се исплати во октомври 2016 година. Тоа подразбира дополнителни средства за тие три месеци  од 611  милиони денари, но тој ефект  ќе се пренесе и врз буџетот за 2017 година. Социјалната помош ќе се зголеми за 5 проценти почнувајќи од јуни 2016 година, за што се потребни дополнителни 218 милиони денари.

За платите се предвидени 25.906 милиони денари, што е за 3,3 проценти повеќе од 2015 година. Кај стоките и услугите планирано е да изнесуваат нешто повеќе од 19 милијарди денари, при што се обезбедени и средства за изборите во април 2016 година.

Буџет со фабричка манаа- Вака професорот Крсте Шајноски го процени новиот предлог буџет на Влада за 2016 .

„Според проекцијата во стратегијата, буџетскиот дефицит во 2014 година требаше да изнесува 3,5% од БДП, а се реализира со највисока стапка од 4,2%. Годинава требаше да се намали на 3,2%, меѓутоа,  се проценува дека ќе изнесува 3,6%.  Нема да  се оствари ниту предвидувањето за намалување на буџетскиот дефицит во 2016 година на ниво од 2,6% од БДП, бидејќи со предлог буџетот за 2016 година се предвидува тој да се сведе на ниво од 3,2%. Ако се‘ е „планирано“ како досега, веројатноста е поголема дека нивото на буџетскот дефицит во наредната година ќе биде поголем од предвидениот“, вели Шајноски.

Транспарентност Македонија пак  нотираше дека овој буџет што го достави Владата е досега најголемиот буџет на државата, кој изнесува околу 40% од бруто домашниот производ на Македонија, посочувајќи дека Предлог буџетот е во функција на предвремените парламентарни избори во април наредната година.

Велат дека  буџетот е скроен за престојните предвремени парламентарни избори покажува и фактот што со него се предвидува зголемување на пензиите и на социјалната помош за 5%. Но, се разбира дека тие зголемувања се предвидуваат за после април 2016 г., кога парламентарните избори ќе бидат завршени. Навистина е несфатливо каква е оправданоста од зголемување на пензиите во ситуација кога, при огромна невработенсот, вработувањето стагнира, а Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е во голема загуба, финансирана од централниот буџет?

Матичната собраниска комисија има 10 дена да ја заврши амандманската расправа според Собранискиот деловник.

www.faktor.mk