Продолжува кризата во Хрватска, средбата меѓу Карамарко и Петров без резултат

0
344

Средбата помеѓу хрватските вицепремиери и партнери во владејачката коалиција, Томислав Карамарко и Божо Петров, одржана на иницијатива на премиерот Тихомир Орешковиќ, не донесе нов развој на настаните во поглед на политичката криза во земјата, пренесуваат хрватските медиуми.

 

Како што пишува Jutarnji list, иницијативата на Орешковиќ поради нарушените односи не донесе позитивен резултат и помрднување во однос на решавањето на политичката криза во Загреб.

Весникот пишува дека на состанокот меѓу Петров и Карамарко се разговарало за насоката во која оди државата, потоа околу добрите бројки за растот на хрватскиот БДП, но било заклучено дека поради меѓусебните односи на двајцата вицепремиери, кои во последните денови воопшто не комуницираат, се останато паѓа во втор план.

Во пресрет на средбата Петров порачал дека тој може да разговара со Карамарко, но дека неговиот став останува на тоа дека лидерот на ХДЗ мора да си замине од владата. Ова е првпат двајата воопшто да разговараат откако челникот на Независната листа Мост минатиот петок изјави дека нејзините пратеници ќе се изјаснат за отповикување на Карамарко, доколку тој самиот не поднесе оставка поради аферата „Консултант“, во која е вмешана неговата сопруга Ана.

Орешковиќ, Карамарко и Петров во средата вечерта остварија средба во хрватската Влада, а во заедничката изјава потоа беше речено дека владиниот тим продолжува да работи на остварувањето на заедничките цели./крај/мф/бс