Продолжува расправата за предлогот за импичмент на Иванов

0
354

Комисијата за оценување го оцени предлогот како неоснован. За да помине на пленарна седница, предлогот треба да го поддржат 82 пратеници. Собранието доколку го изгласа извештајот, за Иницијативата за импичмент треба да се произнесе и Уставниот суд.

Една недела трае собраниската седница на која пратениците расправаат за предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Република Македонија, поднесен од пратениците од опозицијата.

Комисијата за оценување го оцени предлогот како неоснован. За да помине на пленарна седница, предлогот треба да го поддржат 82 пратеници. Собранието доколку го изгласа извештајот, за Иницијативата за импичмент треба да се произнесе и Уставниот суд.

Рената Дескоска од СДСМ при образложувањето на предлогот истакна дека основната причина за поднесувањето на Иницијативата е отсуството на секаква одговорност и арбитрарното однесување на актуелната власт.

Таа истакна дека претседателот Иванов ги злоупотребил својата положба и овластувањата и ја пречекорил својата надлежност.

„Претседателот прекрши повеќе членови од Уставот, членот 8 став 1 алинеја 3 и 4, понатаму принципите на владеење на правото и поделба на власта од членот 9, членот 68 став 1 алинеја 1 и 8, понатаму членот 84 и членот 106“, рече Дескоска.

Одлуката на Иванов е основана и законска, особено поради фактот што иако го поддржавме СЈО, тоа почна да работи пристрасно и да ја игнорира институцијата Собрание која го формираше ова обвинителство, истакна Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ со оваа правно неиздржана иницијатива се обиде да ѝ нанесе удар и на последната институција во државава која не ја нападнаа, а тоа е Претседателот на РМ. Верувам дека тие не се ни свесни во каков лавиринт ја воведоа државата во време на безбедносни предизвици поради бегалската криза во која претседателот Иванов имаше голема улога за справување на земјата со бранот на бегалци“, рече Мукоски.

Опозицијата ја иницираше постапката за импичмент на 13 април, ден по одлуката на претседателот Иванов за помилување 56 лица. На 27 мај Иванов ја повлече аболицијата за, како што наведе, 22 политички експонирани лица. Тој им порача на преостанатите 34 лица кои не сакаат да бидат помилувани да си поднесат барање за поништување на одлуките кои се однесуваат на нив. Потоа на 6 јуни, Иванов ги поништи и останатите одлуки за помилување.