Продолжува штрајкот на пристаништата во Солун

0
415

Вработените на Солунското пристаниште продолжуваат со штрајкот кој ја блокира веќе 20 дена работата на пристаништето. Денес на пладне вработените ќе одржат протест пред Министерството за Македонија и Тракија во Солун на кој ќе го повторат своето барање дека сакаат гаранција за нивните работни места пред владата да продолжи со процесот за приватизација на пристаништетот.

Овој 20 дневен штрајк создава сериозни загуби и за пристаништето, за грчките и странските трговци и транспортери. На пристаништето се заглавени 80 македонски камиони кои чекаат за товар и истовар на контејнери од бродовите. За товарење и истовар чекаат околу 6000 контејнери и голем број бродови. Дел од бродовите кои доаѓаа деновиве до пристаништето веднаш менуваат рута и заминуваат поради штрајкот кон другите држави бидејќи не може да си дозволат да чекаат со денови поради блокадата. Ова не само што создава финансиски загуби, туку и го нарушува и кредибилитетот на Грција и Солун како клучен пристанишен центар. Огромни се и финансиските штети за грчките компании кои имаат потреба да испратат контејнери и мора наместо преку Солун да плаќаат дополнителна сума да ги праќаат преку Бугарија или Турција кои се главните алтернативи на Солунското пристаниште во овој случај.

Слична е ситуацијата и со пристаништето Пиреја, каде се создава и проблем за грчкиот туризам бидејќи нема никој да помогне со туристите кои доаѓаат преку големите бродови за крстарење во Атина.

Покрај штрајкот на пристаништата, денес рачна креваат и грчката железница, вработените во јавниот транспорт и професорите. Во Грција нема да има возови, а од 9 часот вечерва Атина ќе остане без јавен превоз.