Проектот „Купи куќа за млади“ за нова експанзија на градежништвото

0
834

„Сметам дека проектот „Купи куќа за млади“ е од национален интерес за Република Македонија. Очекувам да има експанзија во делот на изградба на куќи. Градежништвото е гранка поврзана со уште 26 други гранки, се работи за добавувачи и за подизведувачи, за дејности како продажба на материјали, на мебел, буквално за сè што треба да има во домаќинството. Очекувам нов бум во овие сектори“, вели првиот човек на Градежната комора, Роберт Хот.

Бизнис секторот очекува нов инвестициски циклус, вели претседателката на Сојузот на стопански комори, Даниела Арсовска.

„Треба да се стремиме, градежништвото да не се развива само со инфраструктурните проекти, туку и преку зголемување на личната потрошувачка, што ќе им овозможи на граѓаните да си го решат станбеното прашање“, вели Арсовска.

Преку проектот „Купи куќа, купи стан“ досега се доделени субвенции за станбен кредит во износ од 4,7 милиони евра или 730 семејства се стекнаа со свој, сопствен дом.

„Проектот резултираше со раздвижување на пазарот, со зголемување на финансиско – економскиот обрт и со поголема побарувачка на станови, од што позитивни придобивки имаат сите, граѓаните, инвеститорите, производителите на градежни материјали“, оценува првиот човек на Адора, Ванчо Чифлиганец.

 Во последниве години, цената на станбениот квадрат е пониска за околу 100 евра, а станбените кредити за само една година пораснаа за 73 милиони евра, што е раст од над 18 проценти.

„Кога каматните стапки паѓаат и се ниски, економските субјекти инвестираат во недвижности или во акции и на тој план гледаме придвижување во купување недвижнини од страна на македонските граѓани. Моментално каматните стапки за станбените кредити се едни од најповолните во поновата историја на Република Македонија“, вели првиот човек на „Шпаркасе банка“, Глигор Бишев.

www.mkd.mk