Промоција на документарниот филм -Музеите на Битола

0
901

Музеите на Битола, е насловот на документарниот филм, кој што беше промовиран во рамките на „Битфест“во културниот центар Магаза.

Филмот е фокусиран на музејското богатство на Битола, при што низ исказите на историчари, етнолози, археолози и туристички водичи, гледачот има можност да се запознае со сите музејски поставки во Битола и нејзината околина.

Документарниот филм -Музеите на Битола, е во режија на Анета Шијакова, а по сценарио на Каролина Николоска.

Низ една динамична приказна филмот ја доловува сликата за Битола како град музеј, под отворено небо, презентирајќи ги сите музејски поставки во градот, односно Заводот-Музеј, Спомен собата на Мустафа Кемал Ататурк, спомен куќите на Гоце Делчев и Стив Наумов, музејот на албанската азбука, музејот посветен на Евреите, музејот Вагнер Лала, Хераклеја Линкестис, како и Авто и етно музејот во битолското село Крклино.

Но, покрај класичните музејски поставки, филмот ги третира и некласичните, бидејќи многу локации во Битола кријат древна и богата историја и претставуваат своевидни музеи под отворено небо како што е случајот со една од најпознатите амбиентални улици на Балканот, битолски Широк сокак, но и Старата битолска чаршија.

Филмот е продуциран во соработка со Завод Музеј Битола, Музејот на албанската азбука во Битола и Авто и етно музејот Филип.