Промоција на книгата Музика и муабети во Битола

0
1114

Книгата Музика и муабети на новинарот Ненад Георгиевски, ќе биде промовирана во Битола во рамките на 8-то издание на Фестивалот на музика од светот. Статистиката на блогот на Нeнад на порталот Аll About Jazz вели дека тој до сега има објавено 197 осврти за албуми и 124 други статии, од рецензии на книги и филмови, преку интервјуа, до репортажи од живи настапи. Конечно дел од сето тоа е достапно на македонски, во форма на книга.

Се работи за колекција на музички интервјуа кои се правени во период од 15 години. Во избор се 40 интервјуа со соговорници кои или настапувале во Македонија или во регионот и се објавувани ширум светот.

Неколу од тие интервјуа се направени за време на Фестивалот на музика од светот.

Предговорот е на Влатко Стефановски кој вели- Среќа е и привилегија тие да ти дозволат да „ѕирнеш зад завесата“ и да ти откријат нешто за нивниот креативен процес, начин на размислување и доживување на музиката и светот. А Ненад ја имал таа среќа со куп значајни имиња од современата музика – Дејвид Брн, Дејвид Силвијан, Раби Абу Калил, Пет Метини, но и такви за кои можеби прв пат ќе слушнете од неговите текстови.

Разговорите од насловот на книгата се фокусираат токму на она што е најважно – уметноста, без оглед дали се работи за музичката или за некоја која се допира со неа (како во случајот со дизајнерот и видеоуметник Расел Милс кој има работено со Мајлс Дејвис, Брајан Ино и многу други).

Она што е заедничко за сите направени интервјуа е големата почит на Ненад кон уметниците. Во книгата покрај странските музичари застапени се и разговори со домашните, рамо до рамо со странските меѓу кои Вера Милошевска Јосифовска, Кирил Џајковски, Џијан Емин, Влатко Стефановски и други.